Шефицата на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, рече дека со измените во Кривичниот законик нападите врз новинари при вршење на работните задачи се изедначиле со нападите врз службени лица, што веќе дало резултати во кривичниот прогон, но предупреди на нови загрижувачки појави

Новинарот во демократско општество не треба да биде храбар за да постави прашање, туку слободен и безбеден да го направи тоа, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешниот прв состанок на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите.
Комитетот, рече Тошковски, се формира по прифаќање на обврската од Советот на Европа, кој во 2016 година ја усвои Препораката за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери, која утврдува четири клучни столбови врз кои треба да се темелат националните механизми за заштита и безбедност на новинарите.
Тошковски нагласи дека заштитата на медиумските работници не е привилегија, туку право и потреба на секое демократско општество.
„Најважно е овој комитет да не остане само формално тело на хартија. Неговата успешност нема да ја мериме според бројот на одржани состаноци или усвоени документи, туку според тоа дали новинарите ќе се чувствуваат побезбедно, дали заканите ќе се пријавуваат навремено и дали институциите ќе реагираат ефикасно“,
рече министерот.
Тој потсети дека МВР веќе има одредено национална и локални фокални точки во сите сектори за внатрешни работи, како и посебна контакт-точка за кибербезбедност, додавајќи дека онлајн заканите можат да бидат подеднакво сериозни како и физичките напади.
„Заштитата на новинарите е составен дел од нашата одговорност за заштита на човековите права, слободата на изразување и владеењето на правото. Напад врз новинар поради неговата професионална работа не е само напад врз поединец, тоа е напад врз правото на јавноста да биде информирана“,
додаде министерот.
Според него, потребна е постојана соработка помеѓу полицијата, обвинителството, правосудните институции, новинарските здруженија и сите други надлежни субјекти.
За сериозноста на заканите говореше и шефицата на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, која се обрати во име на државниот јавен обвинител Ненад Савески. Таа потсети дека со измените во Кривичниот законик нападите врз новинари при вршење на работните задачи се изедначиле со нападите врз службени лица, што веќе дало резултати во кривичниот прогон, но предупреди на нови загрижувачки појави.
„За жал, сѐ уште имаме трендови кои загрижуваат. Тоа се особено онлајн заканите и заплашувањата, посебно насочени кон жените новинарки. Затоа формирањето на ова мултиинституционално тело денеска е од исклучително значење“,
рече Хаџи Василева.
Според неа, институционалната заштита мора да важи подеднакво за сите новинари и медиумски работници, без селективност.
„Само преку отворена соработка, јасни надлежности и доследна примена на мерките можеме да изградиме средина во која новинарството ќе работи слободно и без страв“,
рече Хаџи Василева.
Раководителката на кампањата на Советот на Европа „Новинар(к)ите се важни“, Родика Чокина, го поздрави формирањето на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, оценувајќи дека станува збор за значаен чекор во претворањето на европските стандарди во конкретни национални механизми за заштита.
Таа истакна дека безбедноста на новинарите не е само прашање на една професионална група, туку прашање на демократијата, јавната доверба и владеењето на правото.
„Заканата кон новинар не е закана само кон едно лице. Таа може да ги обесхрабри и другите новинари да истражуваат, да поставуваат тешки прашања и да известуваат за чувствителни теми. Кога новинарите се плашат да известуваат, јавноста го губи правото да биде информирана“,
нагласи Чокина.
Според раководителот на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Олег Солдатов, формирањето на Националниот комитет е чекор кон создавање побезбедна и поповолна средина за работа на новинарите во земјата.
Тој истакна дека безбедноста и сигурноста на новинарите се основен предуслов за функционирањето на демократијата и потсети дека новинарите мора да можат слободно да ја вршат својата работа без страв од закани и напади, без разлика дали тие доаѓаат од физичкиот или од дигиталниот простор.
Инаку, Владата на 27 октомври донесе одлука за формирање национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, со кој, како што информира владината портпаролка Марија Митева, ќе се воспостави организиран механизам за координација помеѓу надлежните институции и медумските организации во врска со ова прашање.
Таа посочи дека овој механизам за координација преку комитетот ќе има за цел да ја унапреди безбедноста на новинарите, да превенира од закани и напади и да создаде услови за слободно и непречено извршување на новинарската професија.
