Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја донесе „Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030“ на 19 јуни годинава и истиот ден ја достави во Собранието, но таа сè уште не е разгледана на пленарна седница иако е ставена како точка на дневен ред на 111. седница на законодавниот дом
„Сè додека документот не биде усвоен, Собранието практично го кочи почетокот на целиот процес на имплементација, со што се одложува и исполнувањето на обврските коишто произлегуваат од Стратегијата и Акциониот план за сите надлежни институции, на сите нивоа на власт“, реагираа денеска од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, од каде го повикуваат парламентот итно да го разгледа и усвои стратешкиот документ
Речиси една година државата нема нова национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, откако документот донесен за периодот 2021-2025 г. истече, а новата стратегија за 2026-2030 веќе неколку месеци е заглавена во Собранието.
За случајот денеска реагираа од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Оттаму велат дека се сериозно загрижени поради, како што наведуваат, одолговлекувањето на собраниската постапка за усвојување на „Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интерерси 2026-2030“, заедно со Акциониот план за нејзино спроведување.

Потсетувајќи дека претходниот документ е веќе истечен, а новиот, законодавниот дом сè уште го нема усвоено, од Платфрмата, оценуваат дека ваквата состојба го нарушува континуитетот на националните антикорупциски политики и испраќа загрижувачка порака за приоритетите на институциите во справувањето со корупцијата.
Дополнително, од Платформата, во која се обединети повеќе невладини организации кои ги следат антикорупциските теми, посочуваат дека одолговлекувањето на усвојувањето на Стратегијата директно ја загрозува реализацијата на мерките предвидени за 2026 година.
„Бидејќи годината е на самиот крај, навременото спроведување на овие активности е практично невозможно, особено ако се земе предвид времето потребно за институционално планирање, координација и обезбедување ресурси. Откако значителен дел од 2026 година е веќе изгубен, државата не смее да дозволи понатамошното одложување да ја доведе во ризик и 2027 година“,
се вели во соопштението.
Секое дополнително пролонгирање на носењето на стратешкиот документ, потенцираат оттаму, го зголемува ризикот од доцнење во спроведувањето на мерките и неисполнување на предвидените стратешки цели во борбата против корупцијата.
Ваквата состојба, велат од Платформата е особено загрижувачка ако се има предвид дека меѓународните партнери на земјава, а пред сè Европската Унија (ЕУ), во своите извештаи нотираат отсуство на напредок во борбата против корупцијата.
„Во вакви околности, дополнителното одложување на усвојувањето на основниот национален стратешки документ за спречување на корупцијата претставува сериозен сигнал за недоволната институционална посветеност на ова прашање“,
наведуваат од Платформата.

Инаку, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја донесе Националната стратегија на 19 јуни годинава и истиот ден ја достави во Собранието. Правосудството, здравството, урбанизмот, животната средина и енергетиката се петте сектори на кои е фокусирана петгодишната Стратегија, а во неа се имплементирани и две хоризонтални области – јавни набавки и надзор над спроведувањето на законите.
На средбата во Собранието, и претседателот на Антикорупциската комисија, Адем Чучуљ, и претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, тогаш изразија очекувања дека стратешкиот доклумент во најбрз можен рок ќе се најде на пленарна седница и ќе биде усвоен.
„Се надеваме на имплементација која зависи од сите фактори во државата“,
изјави Гаши по средбата со Чучуљ на 19 јуни.
По повеќе од два месеци, на 23 септември, документот беше разгледан од надлежните собраниски комисии, Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, кои го проследија на натмошна постапка. Сепак, речиси пет месеци по доставувањето и два месеци по комисиската расправа, Стратегијата сè уште не е разгледана на пленарна седница.
Според јавно достапните информации на веб-страницата на Собранието, Националната стратегија е утврдена како точка на дневен ред за 111. пленарна седница и е со статус „неразгледана“. Стратегијата сè уште не е поставена на собранискиот календар за ноември.

Од Платформата, во таа насока, го повикуваат Собранието на Република Северна Македонија без понатамошно одложување да ја разгледа на пленарна седница и да ја усвои Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, заедно со Акциониот план.
„Сè додека документот не биде усвоен, Собранието практично го кочи почетокот на целиот процес на имплементација, со што се одложува и исполнувањето на обврските кои што произлегуваат од Стратегијата и Акциониот план за сите надлежни институции, на сите нивоа на власт. Итното усвојување мора да биде проследено со навремено институционално планирање, обезбедување соодветни ресурси и преземање на конкретните активности за спроведување на предвидените мерки“,
порачуваат невладините организации обединети во Платформата.
Нагласувајќи декла борбата против корупцијата не смее да остане само декларативна заложба, оттаму велат оти е неопходно Собранието да ја преземе својата одговорност и да овозможи институциите да започнат со спроведување на стратешките антикорупциски мерки без дополнително губење време.
Членки на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата се: Асоцијација за демократски иницијативи, Институт за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, Институт за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“, Здружение КОНЕКТ – Скопје, Македонски центар за меѓународна соработка, Мост, „Метаморфозис“, Охрид институт, Транспаренси интернешнал – Македонија, Транспарентност Македонија, Фондација Отворено општество Македонија, Форум ЦСИД, Центар за граѓански комуникации, Центар за истражување и креирање политики, ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, Хелсиншки комитет за човекови права, SCOOP – Центар за истражувачко новинарство.
