Правосудството, здравството, урбанизмот, животната средина и енергетиката се петте сектори на кои е фокусирана петгодишната Стратегија, а во неа се имплементирани и две хоризонтални области – јавни набавки и надзор над спроведувањето на законите
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска едногласно ја усвои новата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030. Правосудството, здравството, урбанизмот, животната средина и енергетиката се петте сектори на кои е фокусирана петгодишната Стратегија, а во неа се имплементирани и две хоризонтални области – јавни набавки и надзор над спроведувањето на законите.

Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, истакна дека Акцискиот план на Националната стратегија содржи вкупно 113 мерки и 388 активности, а пред нејзино донесување спроведени се низа работилници и анкети со експерти од петте опфатени сектори. Спроведувањето на фискалните импликации и активности на акцискиот план на Националната стратегија е утврдено дека ќе чини 216 914 000 денари или 3,5 милиони евра.
Откако членовите на ДКСК ја усвоија, Чучуљ ја достави Националната стратегија до претседателот на Собранието, Африм Гаши, посочувајќи дека доколку се имплементираат, петте области на кои е фокусирана Стратегијата ќе имаат значаен ефект врз развојот на општеството и намалувањето на корупцијата.
„Фискалната проценка за имплементација на Националната стратегија, која е направена со експертска помош, би чинела 3,5 милиони евра, што според ДКСК, е мал износ што треба да го издвои државата во однос на она што ќе го добие доколку се имплементира. Стратегијата е изработена во инклузивен процес и со учество на голем број институции, експерти, медиуми, невладини организации“,
порача Чучуљ за време на средбата со собранискиот спикер.
Претседателот на ДКСК изрази очекување дека Собранието во најкус рок ќе ја разгледа и усвои Стратегијата.
Собранискиот спикер Африм Гаши рече дека веднаш ќе ја достави Националната стратегија до пратениците и изрази очекување дека во најбрз можен рок ќе се најде на пленарна седница и ќе биде усвоена.
„Се надеваме на имплементација која зависи од сите фактори во државата“,
изјави Гаши по средбата со Чучуљ.
