Според владината портпаролка Марија Митева, посебно значење ќе има ефикасното постапување во случаи на напади или закани кон новинарите, каде преку соработка со надлежните органи фокусот ќе биде ставен на спроведување навремени истраги и соодветно сакнционирање согласно законските надлежности. Мерките ќе вклучуваат и реакција и заштита од закани кон новинари во дигиталниот простор, односно на социјалните платформи
Дополнително, комитетот ќе има задача и да изработи национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите најдоцна до 15 декември оваа година, кој ќе биде во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки
Владата на денешната седница донела одлука за формирање национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, со кој, како што информира владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција попладнево, ќе се воспостави организиран механизам за координација помеѓу надлежните институции и медумските организации во врска со ова прашање.

Таа посочи дека овој механизам за координација преку комитетот ќе има за цел да ја унапреди безбедноста на новинарите, да превенира од закани и напади и да создаде услови за слободно и непречено извршување на новинарската професија.
„Сакаме ова прашање да добие континуиран институционален третман, со јасни обврски, но и со конкретни механизми за постапување. Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи некој инцидент. Напротив, безбедноста е наша обврска, обврска на институциите да дејстуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита“,
рече Митева.
Националниот комитет, како што образложи таа, ќе има задача да ја следи состојбата со новинарите и да ја унапредува соработката помеѓу институциите и медиумската заедница.
Дополнително, потенцира таа, комитетот ќе има задача и да изработи национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите најдоцна до 15 декември оваа година, кој ќе биде во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки.
Планот, според владината портпаролка, ќе се темели на четири, како што кажа, суштински области – превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и едукација.
Во делот на превенцијата, акцентот, рече таа, ќе биде ставен на медиумскиот плурализам, институционалната поддршка и дијалогот со медиумите, додека во однос за заштитата, предивдени се механизми за итна реакција, полициска и правна заштита. Овие мерки ќе вклучуваат и реакција и заштита од закани во дигиталниот простор, односно на социјалните платформи.
Митева посочи дека посебно значење ќе има ефикасното постапување во случаи на напади или закани кон новинарите, каде преку соработка со надлежните органи фокусот ќе биде ставен на спроведување навремени истраги и соодветно сакнционирање согласно законските надлежности.
Четвртиот сегмент ќе биде насочен кон едукација, обуки и активности, сè со цел подигање на јавната свест за значењето на новинарската професија, кажа Митева.
Инаку, во комитетот е предвидено да учествуваат претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), Македонската радио-телевизија (МРТ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
„Комитетот ќе ја поддржи и националната примена на кампањата ‘Новинарите се важни’, којашто е кампања на Советот на Европа, со што оваа активност се поврзува со пошироките европски напори за унапредување на слободата на медиумите, како и безбедноста на медиумските работници“,
кажа владината портпаролка.
Како што истакна Митева, оваа одлука на Владата има и пошироко значење за начинот на кој институциите треба да го разбираат сопствениот однос кон медиумите. Во тој контекст таа кажа дека власта има право да одговори на критика, да ги образложи своите политики и аргументирано да ги оспори информациите што ги смета за неточни. Но, таа одговорност, како што додаде, мора да ја остварува со факти, транспарентност и институционална комуникација, а не со притисоци врз оние што поставуваат прашања.

„Треба да бидеме свесни дека довербата меѓу институциите и медиумите се гради преку достапност на информации, одговори на легитимните прашања и доследно почитување на правото на јавноста да биде информирана. Како влада сакаме посебно да се стави фокусот на новинарите кои секојдневно работат на терен, кои истражуваат теми од јавен интерес, кои известуваат во сложени околности затоа што нивната професионална безбедност не смее да зависи од темата за која известуваат или од тоа дали нивните прашања и објавени информации некому му одговараат. Институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност и без никакви разлики“,
рече таа.
Обраќајќи се до новинарите, Митева рече „вие имате право да прашувате, ние имаме обврска да одговараме“.
„Вие имате право да ја преиспитувате работата на институциите, ние имаме обврска да ја образложиме. И кога нашите ставови се различни, тоа никогаш не ја намалува вредноста на професионалниот дијалог, туку ја потврдува неговата неопходност“,
рече таа.
Како што истакна на крајот, определбата на оваа влада е јасна, а тоа е дека институциите мора да бидат отворени за јавноста, слободата на изразување да биде почитувана, а секој новинар да има можност својата работа да ја извршува професионално.
