Првиот позитивен случај на ковид-19 зад решетки беше откриен посмртно, кај притвореник кој на 8 април почина во затворот во Шуто Оризари
Министерството за правда разгледува повеќе сценарија и опции за состојбата во затворите, во контекст на кризата на коронавирусот, велат од институцијата за „360 степени“.
Во моментов е готова една анализа, каде меѓу сценаријата е разгледуван и потенцијален прекин на казните на ограничен дел од затворениците до 1 септември. Овој датум влегол во сценариото бидејќи Владата со Уредба со законска сила веќе го одложи извршувањето на упатните акти за издржување казна затвор до тој датум, освен за лицата кои во моментот на правосилноста на пресудата се во притвор. Неофицијално, првичните согледувања одат против таквата опција, но целиот процес е ставен на „стенд бај“, се додека не се добијат резултатите од тестирањата кои во моментов се вршат во затворот Шуто Оризари.
*поврзана вест Затворите нема да примаат дел од новите затвореници
Официјално пак, министерката за правда Рената Дескоска сугерира дека одлука ќе се носи врз основа на мислењето на здравствените власти.

„Сите опции се разгледуваат, се прават анализи, одлуките ќе зависат од препораките на Кризниот штаб и Министерството за здравство. Нема да се носат одлуки до добивање резултати од тестирањето во затворот Шутка“,
вели за „360 степени“ министерката за правда Рената Дескоска.
Алармот го вклучи првиот позитивен случај на ковид-19 во Шуто Оризари

Директорот на затворот во Шутка Есад Рахиќ, во телефонски разговор, за „360 степени“ потврди дека подготвиле и испратиле податоци за потребите на анализата која се правела во Министерството за правда. Во исто време, уверува дека во затворот Шуто Оризари се преземаат сите мерки за превенција од ширење на коронавирусот.
„Затворениците имаат заштитна опрема и во тек е тестирање. Од досегашните тестови нема ниту еден позитивен“,
вели Рахиќ.
Првиот позитивен случај на ковид-19 зад решетки, беше откриен посмртно. Во притворското одделение на 8 април почина притвореник, а на обдукцијата се покажа дека имал коронавирус. Според Рахиќ, тројцата негови цимери покажале негативни резултати на ковид-19.

Негативен резултат на ковид-19 покажал и 23-годишниот притвореник кој пред два дена почина во Шутка.
Министерот за здравство Венко Филипче на синоќешната прес-конференција изјави дека во затворот продолжува тестирање на затвореници и дека наскоро ќе има подетални информации.
Затвореници се жалат на притисоци, директорот обвинува за злоупотреба

Дел од затворениците пак, преку социјалните мрежи го изразија својот револт и побараа мерки за заштита од епидемијата. За „360 степени“ тврдат дека се соочуваат со притисоци бидејќи реагирале во јавноста, а некои биле ставени во самица.
Директорот на затворот Есад Рахиќ потврдува дека има санкционирани затвореници, но за кршење на редот во затворот и за користење на мобилни телефони. Тој смета дека дел од затворениците ја злоупотребуваат ситуацијата со корона-кризата.
По првиот позитивен случај во Шутка, на социјалните мрежи се споделуваа снимки од затвореници кои фрлаа чинии од прозорците или тропаа по вратите и решетките во знак на револт од нивниот третман.