Со Министерството за земјоделство ќе раководи Вјолца Бериша, а раководењето на Министерството за транспорт и врски ќе го преземе Беким Реџепи
Заменик-министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство Вјолца Бериша ќе раководи со овој ресор до изборот на нов министер, информираат денеска од Министерството.

Бериша, инаку кадар на Алијанса за Албанците, го презема раководењето со Земјоделство откако на министерот Љупчо Николовски му престана функцијата со верификување на неговиот пратенички мандат на 28 мај.
„Во овој период, согласно овластувањето од 27.05.2024 година, заменик-министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство Вјолца Бериша во целост може да ги извршува тековните активности за непречена работа на Министерството, а веќе извршена е и измена и во Централниот регистар“,
информираат од Земјоделство.
Освен со Земјоделство, и со Министерството за транспорт и врски до изборот на нов министер ќе раководи актуелниот заменик. Министерот Благој Бочварски, кој од минатата недела и официјално стана пратеник во Собранието, до изборот на нов ќе го менува заменик-министерот Беким Реџепи.

„Во овој период, согласно законските прописи, заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи ќе ги извршува тековните активности за непречена работа на Mинистерството“,
се наведува во известувањето на Транспорт и врски.
Претходно денеска и од Министерството за одбрана информираа дека до изборот на нов министер со ресорот ќе раководи заменик-министерот Тирон Јајага.