Со чинот на непосредно гласање, вели заменик-министерот за правда, Северна Македонија влегува во уште поподготвено ниво во борбата против организираниот криминал и корупцијата
Заменик-министерот за правда од редовите на ДУИ, Агим Нухиу, порача дека очекува напредок во истрагите и гонењето и казнувањето на криминалот по изборот на Ислам Абази за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Нухиу засега е единствениот функционер кој се огласил откако денеска за првпат изборот на прв човек на ОЈО ГОКК се организираше преку непосредно гласање од страна на обвинителите од цела држава.
Со чинот на непосредно гласање, вели заменик-министерот, Северна Македонија влегува во уште поподготвено ниво во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
„Очекуваме поголем напредок во оперативната соработка со меѓународните партнери и координација на активностите меѓу обвинителството, полицијата и другите релевантни тела за борба против организираниот криминал и корупцијата со цел подобрување на ефикасноста на спроведување на законите. Со нетрпение очекуваме напредок во истражните постапки, гонењето и казнувањето на случаите на организиран криминал и перење пари со фокус на конфискација на имотот стекнат преку криминал“,
порачува Нухиу во порака на Фејсбук.
Ислам Абази е актуелен шеф на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Гостивар. На денешните избори тој освои 66 гласа од неговите колеги обвинители. Второпласиран беше заменик-шефот на ОЈО Скопје, Ермон Незири, со 64 гласа.
Вилма Русковска која досега беше на чело на ОЈО ГОКК, пак, доби само 14 гласа. Последна со 10 гласа на денешните избори заврши обвинителката Деса Пауновска која му е колешка на Абази во ВЈО Гостивар.