За овој предмет реферираше претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, која образлагајќи го случајот наведе дека на 28 јуни до ДКСК стигнала претставка од познат подносител со која се укажува на сторена повреда на член 34 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување корупција и судир на интереси и член 8 став 1 алинеја 3 од Изборниот законик
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната осма седница едногласно донесе одлука да иницира постапка до надлежен орган против заменик-министер во техничката влада. Според Антикорупциска, заменик-министерот на „одредено министерство“, спротивно на законските одредби донел 189 решенија за распоредување на вработени во министерството додека раководел со него до изборот на новата влада.

Инаку, Анткорупциска на денешната седница одлучуваше по поголем број предмети, а конкретниот беше еден од малкуте за кој членовите одлучија да поведат постапка.
За овој предмет реферираше претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, која образложувајќи го случајот наведе дека на 28 јуни до ДКСК стигнала претставка од познат подносител со која се укажува на сторена повреда на член 34 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување корупција и судир на интереси и член 8 став 1 алинеја 3 од Изборниот законик.
Како што посочи таа, наводите во претставката се однесуваат на заменик-министер на „одредено министерство“ при што се донесени вкупно 189 решенија, од кои 98 се однесуваат на хоризонтално распоредување на вработените во министерството, 68 решенија за унапредување кои имаат финансиски импликации врз буџетот на министерството и 23 решенија за распоредување со кои им се намалува платата на вработените.
Димитровска во таа насока образложи дека Комисијата ја обездила целокупната документација од надлежните институции за да се проверат наводите од претставката и во тој контекст наведе:
„Од извршениот увид во целокупната документација доставена од Министерството по оформениот предмет, ДКСК ја утврди следната фактичка состојба: на 14.2.2024 година претседателот на Собранието донесе решение за распишување на избор на пратеници и за избор на претседател на Република Северна Македонија. На ден 30.5.2024 година, ДКСК донесе заклучок за завршување на изборите за пратеници. Согласно член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата, по престанување на функцијата на министер, заменикот на министерот во Министерството ја презема надлежноста односно ја врши функцијата министер наредниот ден по денот на објавување на конечните резултати од ДИК за спроведените избори за пратеници во Собранието. На ден 31.5.2024 година, заменик-министерот ја презема надлежноста за раководење со министерството, односно бил назначен за заменик-министер сè до избор на новата влада. На 23.6.2024 година, Собранието ја избира новата Влада на Република Северна Македонија. Во периодот од 31.5.2024 до денот на изборот на Владата 23.6.2024 година во Министерството од страна на заменик-министерот донесени се вкупно 189 решенија, 98 решенија за хоризонтално распоредување, 68 за унапредување и 23 решенија за распоредување со кои на работниците им се намалува основната плата“,
рече Димитровска.
Таа наведе дека согласно член 34 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување на судир на интереси, од денот на донесување на одлуката за распишување избори до денот на завршување на изборот на претседател на државата, сè до завршувањето на изборите не може да се започне постапка за вработување нови лица, постапки за престанок на работен однос освен во случај на итни и неодложни работи.

Според неа, од фактичката состојба за случајот, ДКСК утврдила дека наводите изнесени во поднесената претставка се основани, поради што предложи да се иницира постапка до надлежен орган, што едногласно беше прифатено од останатите членови на ДКСК.
„Од фактичката состојба за случајот, ДКСК утврди дека наводите изнесени во поднесената претставка се основани поради тоа што содејствијата преземени од страна на заменик-министерот по однос на донесените решенија за распоредување не се испочитувани забраните утврдени во член 34 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и член 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик, односно донесени се решенија за распоредување во период кога сè уште не бил завршен изборот на влада. Исто така, ваквото постапување е спротивно и на член 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, односно претставува повреда на начелото на законитост согласно кое никој не смее да ја користи функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за извршување или пропуштање дејствија што според закон не смее. ДКСК констатира дека во конкретниот случај наводите содржани во пријавата за сторени повреди на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Изборниот законик се основани, поради што предлага постапката да се запре. Се констатира повреда на законските одредби и за констатираното прекршување на законските одредби ДКСК ќе постапи во рамките на своите законски надлежности, ќе донесе одлука од нејзина надлежност и ќе иницира постапка до надлежен орган“,
рече Димитровска.