Информацијата дека законот за учебници е повлечен од собраниска процедура утринава ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој на Фејсбук сподели дека власта се повлекла под притисокот на јавноста
Од МОН објаснуваат дека целта на повлекувањето законот за учебници од Собранието е поради усогласување со европското законодавство, но на прашање на „360 степени“ не прецизираат дали тоа значи дека законот ќе се носи со европско знаменце
Законот денес е на дневен ред на Влада, по што ќе биде доставен до Собранието
Повлекувањето на законот за учебници од собраниска процедура не значи откажување од намерата на власта да се воведат електронските учебници, туку усогласување и додавање дополнителни елементи, изјави премиерот Зоран Заев. Според него, учениците нема да ја изгубат можноста за користење печатени материјали, само ќе добијат шанса да учат и од дигитални учебници, по примерот на Естонија, Чешка и други европски држави.
„Светот оди напред, дигитализацијата оди напред, апелирам да дадете шанса да бидеме рамо до рамо со современиот свет. Не треба да се плашиме, постапката не се брза, значи идната година се само четвртоодделениците, кои, напоменувам, ќе имаат пишани печатени учебници пред себе и плус можност за дигитални, електронски учебници“
изјави премиерот Зоран Заев.
И од МОН потенцираат дека нема да се откажат од реформата за дигитализација во образованието. Објаснуваат дека целта на повлекувањето законот за учебници од Собранието е поради усогласување со европското законодавство, но на прашање на „360 степени“ не прецизираат дали тоа значи дека законот ќе се носи со европско знаменце. Законот денес е на дневен ред на Влада, по што ќе биде доставен до Собранието, велат од МОН.
„Ги повикуваме граѓаните и родителите да не подлегнуваат на грубите лаги и политички манипулации пласирани во јавност од страна на пратеници од опозицијата. Во интерес на објективно и вистинито информирање на јавноста по координација со Секретаријатот за европски прашања, законот е вратен за да се дополни само делот за усогласување со европските документи, како дел од процесот на усогласување на националното со европското законодавство“,
соопштија од МОН.
Од Министерството додаваат дека при усогласувањето со СЕП се земени предвид стратегиските документи и препораки донесени од страна на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата, а во чиј фокус се развој на дигиталните вештини на учениците, креирање и употреба на дигитални наставни материјали, развој на едукативни платформи, развој на дигиталните вештини на наставниците и трансформација на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес.
„Здравствената криза го стави учењето од далечина во центарот на образовните практики. Тоа ја истакна потребата од унапредување на дигиталното образование и негово третирање како клучна стратешка цел за висококвалитетно учење и учење во дигиталното време. Како што ќе се надминува фазата на вонредна состојба наметната од избувнувањето на пандемијата, така ќе расте потребата од развивање стратешки и долгорочен пристап кон дигиталното образование и обука. Спомнатите иницијативи ќе треба да понудат начини за подобрување на квалитетот, особено во однос на основните и дигиталните вештини, да го направат училишното образование поинклузивно и родово чувствително и да ги подобрат постигањата на учениците“,
додаваат од МОН.
Информацијата дека законот за учебници е повлечен од собраниска процедура утринава ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој на Фејсбук сподели дека власта се повлекла под притисокот на јавноста. Опозицијата се противи на носењето на законот и не ја отфрла можноста да го блокира неговото донесување.
Намерата на МОН да воведе дигитални учебници наиде на реакции кај дел од родителите и учениците кои стравуваат дека децата ќе поминуваат поголем дел од времето пред компјутер и ќе го изгубат односот кон книгата, како и поради неможноста секој да си дозволи електронски уред за следење на наставата.
„Сојузот смета дека дигитализацијата на образованието е чекор во добар правец, но не смее дигиталното да биде единственото решение. Моделот мора да биде сензитивен за различностите. Понатаму, ако сакаме да имаме целосно дигитални учебници, тогаш училиштата мора да ја имаат соодветната структура, а учениците мора да изучуваат и стекнуваат релевантни дигитални вештини, т.е. дигитална писменост“,
соопштија од Сојузот на средношколци.
Реформата во образованието со воведување на дигиталните учебници треба да стапи во сила идната учебна година. Со законот е предвидено учениците од прво до трето одделение да користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија. За учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето обезбедува услови за секој ученик да има пристап до употребата на учебник.