Европската комисија (ЕК), при усвојувањето на предлог-законот за употреба на јазици од Владата во септември 2017 година, соопшти дека „законското решение треба да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија“.
„ЕК е информирана дека Владата го усвои предлог-законот за употреба на јазиците и дека планира да го достави до Собранието. Го поздравуваме фактот што Владата во својот план „3-6-9“ се обврза да се консултира со Венецијанската комисија за нацрт-законот и очекуваме дека ќе се разгледаат препораките на таа комисија“, изјави тогаш за „Мета“, Маја Коцијанчич, портпаролка на Европската комисија.

Комисијата излезе со ист став и по усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во Собранието во јануари 2018 година, бидејќи предлог-законот, и покрај најавите, до тој момент не беше испратен на разгледување во Венецијанската комисија.
„Европската комисија очекува Законот за употреба на јазиците да биде испратен до Венецијанската комисија, како што е најавено во планот „3-6-9“, и го нотира вчерашното усвојување“, изјави тогаш за МИА портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич.
За Бујар Османи била важна препораката од Брисел
Вицепремиерот од редовите на ДУИ, Бујар Османи, кој денеска порача дека „секој обид на Министерството за правда да направи измени без усогласеност на целата влада и без консензус во Собранието, ќе отвори спирала што ќе не помести од патот по кој сме тргнале“, уште пред утврдување на предлог-законот од Владата, се повикуваше на препорака на Европската комисија за конкретниот закон.
Во интервју за „Макфакс“ дадено во јули 2017 година, вицепремиерот Османи вели дека „препораката на комесарот Јоханес Хан била законот за употреба на јазиците да биде претходно оценет од Венецијанската комисија, па потоа да оди на усвојување, со цел да се спречи можноста законот во иднина да биде оспорен пред Уставниот суд“.

За разлика од тогашниот став, во постовите на „Фејсбук“ и на денешната прес-конференција, Бујар Османи ги релативизира значењето и содржината на мислењето на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците.
Владата на седница одлучи да се бара мислење од Венецијанска
И записникот од седницата на Владата на која беше утврден предлог-законот за употреба на јазиците покажува дека министрите, вклучувајќи ги и оние од ДУИ, се согласиле да се побара мислење од Венецијанската комисија.

Вицепремиерката од редовите на СДСМ, Радмила Шекеринска, денеска изјави дека не веруваат во еднократно менување на овие важни закони, но веруваме дека сите партнери во коалицијата ќе го почитуваат тоа што го превзеле како обврска на почетокот.
„Сметаме дека ова не е прашање кое повторно треба да ја дели државата. Видовме како неодговорни политичари не доведоа на раб на војна, создавајќи страв кој беше нереален. Мислам дека државата, па и граѓаните, јас се надевам и некои од партиите научија нешто од тоа искуство“, порача Шекеринска.