Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, порача дека ако се направат измени во Законот за јазиците без согласност на сите политички чинители, тоа би можело да го помести, како што рече, „балансот во македонско-албанските односи”. Според него, секое отворање на Законот ќе не врати пред 2001 година, оти решението произлегува од Охридскиот рамковен договор.
„Каков било обид, секое надгласување на македонските судии на албанските во Уставниот суд за Законот за јазици, секој обид на Министерството за правда да направи измени без усогласеност на целата влада и без консензус во Собранието, е поместување на македонско-алабанскиот баланс, кој се воспоставува со Законот за јазици и ќе отвори магичен круг и спирала што ќе не помести од патот по кој сме тргнале“, рече Османи на денешната прес-конференција.
Реакцијата на Османи доаѓа откако вчера премиерот Зоран Заев најави ревидирање на законот, согласно забелешките на Венецијанската комисија.
Комисијата предупреди дека со Законот за јазиците се наметнуваат нереални правни обврски за институциите, особено осврнувајќи се на примената на албанскиот јазик во судските постапки.
Османи вели дека се барало толкување само на спорните делови од законот кои се однесуваат на примената на јазикот на банкнотите, за што Комисијата се изјаснила позитивно. Ако се отвори прашањето за судството, ДУИ бара инкорпорирање и на двојазични банкноти.
„Се согласуваме дека не смее ниту еден предмет да биде „жртва”, но кој треба да е фокусот, да го повлечеме Законот или да ги изградиме капацитетите? Логиката никогаш не била да се повлече еден закон, бидејќи нема капацитети. Венецијанската комисија не е супермаркет, не може да разговарате за судството, а да не разговарате за банкнотите“, вели Османи.
Вицепремиерот обвини дека претставничката на Северна Македонија во Венецијанската комисија, професорката Татјана Каракамишева, се обидувала да изврши притисок со цел Комисијата да се навлече да ја коментира и уставноста на Законот за јазиците.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека власта ќе ги испочитува укажувањата на Венецијанската комисија и ќе го ревидира Законот. На тоа ќе работат надлежното Министерство за правда, заедно со експертите, на прецизен начин, како што тоа Венецијанската комисија го укажува, а потоа Законот ќе се прати во Собранието за негово донесување, рече Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека Венецијанската комисија и нејзините ставови апсолутно се нешто што треба да е дел од законодавството во една држава од ЕУ, особено ако е аспирант за членство во ЕУ и очекува по подолг период да добие можеби датум за почеток на преговорите.
Венецијанската комисија пред неколку дена ги повика властите да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Според соопштението, издадено по состанокот во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.
Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.
Комисијата понатаму забележува дека законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.