Инаку, се очекува состанокот на ОБСЕ да го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров. Иако нема најава за нивна заедничка средба, но токму ова го прави настанот еден од ретките на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година
Голем број земји поднеле барања за билатерални средби со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ, кој денеска и утре ќе се одржи во Скопје.
Ова за државната руска агенција ТАСС изјавила портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Навистина можам да потврдам дека има многу барања за билатерални средби. Ќе има и мултилатерални состаноци. Планирани се и билатерални“,
рече таа на брифинг со новинарите.
Инаку, се очекува состанокот на ОБСЕ да го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров.
Иако нема најава за нивна заедничка средба, но токму ова го прави настанот еден од ретките на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Сепак, вчера повеќе држави го откажаа присуството на своите министри за надворешни работи.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера соопшти дека нема да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Причината за ваквата одлука, како што се посочува, е тоа што „Русија постојано го уништува ОБСЕ“, очигледно алудирајќи на најавеното присуство на самитот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
И Естонија, Летонија и Литванија официјално соопштија дека ќе го бојкотираат Министерскиот совет, доколку на него присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Шефот за европската дипломатија Жозеп Борел, пак, вчера најави дека ќе допатува во Скопје, но нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Минатата недела Владата донесе одлука со која се врши измена и дополнување на актуелните рестриктивни мерки кон Руската Федерација кои земјава ги воведе по руската инвазија врз Украина, а согласно кои беше воведена забрана за влез на руски воздухоплови во воздушниот простор на Северна Македонија.
Од Министерството за одбрана вчера за „360 Степени’ одговорија дека веќе се дефинирани безбедносните проценки и дадени се насоки за движење на рускиот воздухоплов, за чиј лет е одредено име и број, а утврдени се и маршрутите за движење на авионот.