Премиерот Зоран Заев вели дека поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, ќе биде виновен кога тоа ќе се потврди со правосилна судска пресуда и според него Рашковски не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки. На денешната седница на пратенички прашања во Собранието, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски го праша премиерот дали со оваа изјава тој врши притисок врз судот, на што Заев одговори дека тој има право на свое мислење.
„Имам право јавно да кажам и свое мислење за работа на независна институција. Не мора да се согласувам со обвинителката и со тоа што таа го тврди, можам да се согласувам сто пати за сто случаи, за два-три или четири не можам и не морам да се согласувам. Но, крајниот збор секако го има судот. Како што кажувам и во тоа интервју – пред фактите и доказите и боговите молчат и кога е пресудата донесена, секако јас можам и да не се согласувам, но сум должен да ја почитувам, и тоа е така. Во слобода јавно се коментира и јавно се кажува секој што мисли, и тоа е доказ дека заврши времето на раководење и управување со обвинителствата и судовите во Република Северна Македонија. Секако, никој не е виновен додека не му се докаже вина со правосилна судска пресуда, како што никој не е изземен од законите и од одговорност, без разлика дали припаѓа на власта, на опозицијата или воопшто не е политички определен“,
рече Заев.
Рашковски ќе биде виновен кога тоа ќе се потврди со правосилна судска пресуда. И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Фокус“ во врска со случајот со поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
„Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи“,
објаснува Заев.