За Северна Македонија вели дека е доказ дека мултиетничките општества може да бидат голема предност и поука и пример и за сите други земји, а тоа е возможно со европската мотивација
Aко Европската Унија затајува и ги забавува процесите, се создава плодна почва и за нон – пејпери и за стратегии кои ќе се развијат во нешто кое што нашите народи овде не го посакуваат, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Еуроњуз Албанија.

„Ако испорачуваме и Европа мора да испорачува, затоа првата порака е таа – да продолжат процесите, заради тоа што во спротивно се развиваат нон пејпери и дискусии за нови етнички граници, нови граници на држави, а тоа, знаат и децата е можно само со пушки и со оружје. Не нѝ треба тоа, 21 век е“,
вели тој, додавајќи дека во светот се развива ерата на четвртата индустриска револуција и Балканот е навистина променет, заради европската иднина којашто сите ја посакуваат.
За Северна Македонија вели дека е доказ дека мултиетничките општества може да бидат голема предност и поука и пример и за сите други земји, а тоа е возможно со европската мотивација.
„Европа е должна да нѐ држи мотивирани за да продолжиме кон нашиот европски пат. Сите ние имаме посебно национално чувство и топлина во нашите гради, но сите ние сме должни да им оставиме на децата европска иднина затоа верувам во онаа обединетост на различностите што е симболот на ЕУ“,
вели Заев, додавајќи дека национализмот и шовинизмот го има насекаде во светот, но на Балканот е видлив и затоа не треба да се потхранува бидејќи ги уништува перспективите на младите, нивните генерации.