Премиерот Зоран Заев вели дека останува посветен за да се најде решение и да се надмине спорот со соседна Бугарија
Носиме храбри и тешки одлуки, а истовремено мора да го чуваме достоинството и идентитетот, тоа го правиме сега и со решавањето на спорот со Бугарија, рече премиерот Зоран Заев во вечерашното интервју на Телма.
„Како легитимни претставници на извршната власт, со доделен мандат од граѓаните на изборите, нам ни е дадена одговорноста да носиме храбри и тешки одлуки, а истовремено и да го чуваме достоинството и идентитетот. Ние со договорот од Преспа само го потврдивме и афирмиравме македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа го направивме и со Договорот со Бугарија, а го правиме и сега со решавањето на овој спор“,
рече Заев и додаде дека тоа се потврдува и со членството во НАТО.
Тој вели дека остануваат фокусирани да се најде решение.
„Ќе бидеме со овој исти идентитет и членка на ЕУ. И сето тоа го правиме низ легитимниот систем на институциите, низ парламентот, со потврда на Претседателот на државата. Со ратификувани договори. Затоа ја преземаме одговорноста да го решиме на истиот начин и ова прашање. Институционалниот систем е поставен соодветно за сè што се договара, сè што има правни импликации, сè што влијае на нашата национална посебност, стратегија, интереси на државата институциите мора да го верифицираат институциите и затоа овие прашања не е добро да им се препуштат на партиските амбиции и за политички профит“,
рече Заев.
Тој денеска го гледал и видеото кое го сподели бугарскиот премиер Бојко Борисов и додава дека во посветеноста на бугарскиот колега гледа надеж и скоро ќе се реши проблемот.
„Ние остануваме фокусирани да најдеме решение. Ја чувствувам горчината на народот, но мене ми припаѓа да ги решавам тешките прашања на нашиот пат до ЕУ. Денеска го гледав видеото на Борисов. Тоа е Бојко Борисов. Тоа е неговата посветеност и во тоа јас гледам надеж дека час поскоро треба да го решиме спорот со Бугарија, без оспорување на нашите идентитетски определби“,
рече Заев.
Тој додаде дека посветен за соработка со земјите-членки на ЕУ и во наредниот период ќе се побара експертиза и помош за одделни области, како што рече тој, да ја донесеме Европа дома.