Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска одговарајќи на новинарско прашање за „бомбите“ што се појавуваа изминатиот период, рече дека оние каде што се слуша тој ги снимил Александар Верушевски, синот на Зоран Верушевски, кој е ексдиректор на УБК, му беше советник за национална безбедност на Заев за време на премиерскиот мандат и е претседател на партиската комисија на социјалдемократите за внатрешна безбедност.
Заев тврди дека снимките што се појавија се снимени пред парламентарните избори во декември 2016 година, односно во летото истата година.
На прашањето „Во предизборниот амбиент бевме сведоци на пуштање аудиоснимки, и за вас и за Мицкоски. Дел од соговорниците во одредени разговори се познати, дали е можно да се дознае соговорникот со кој вие разговарате за повеќе теми, меѓу кои за невладиниот сектор, Захир Бекир-Чауш, СЈО и сл?“, Заев одговори:
„Соговорникот што ме снимал е господинот Александар Верушевски. На ручек е кај мене во Струмица, летото 2016, овде седиме и ручаме, и видов дека ме снимал. Разговорот јасно покажува кој е. Не беше тоа пред 100 години, беше пред 4 години… Ние сме во добри односи. Секој со својата одговорност, јас сум пријател со сите. Тој така одлучил, така направил. Јас сум многу близок со неговото семејство, ги сакам неговите дечиња, со професорот Верушевски сум пријател, тој е претседател на нашата (партиската) комисија за внатрешна безбедност, соработувам, советник во кабинетот за национална безбедност. Но, еве, така одлучил мојот пријател Александар, така и направил“.
Снимки во кои се слуша неговиот глас се појавија на 9 мај. Ден претходно, пак, излегоа и „бомби“ со гласот на Христијан Мицкоски, а на кои се слушаше и Зоран Милески-Кичеец, кој е осуден со првостепена пресуда во аферата „Рекет“.