Премирот Зоран Заев денеска го прими амбасадорот на Руската Федерација во С.Македонија, Сергеј Александрович Бездникин. Средбата доаѓа во период кого првиот човек на владата е на удар на јавноста затоа што наседнал да разговара со руски „мајтапчии“ кои лажно се претставувале како поранешниот украински претседател Петро Порошенко.
Во соопштението од владината прес служба се додава дека тема на разговор биле и руските „мајтапчии“.

Во врска со измамата со телефонски разговори од страна на двајцата руски граѓани, взаемно беше изразено жалење за случајот и потврда дека тоа нема да влијае врз билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација.
се вели во владиното соопштение.
Од владата информираа дека средбата е остварена непосредно по свеченоста за пуштање во употреба на нова бензинска станица на „Лукоил“, настан на кој присуствуваше и Заев.
На средбата е констатирано дека еден од инструментите за засилена динамика на трговската и економската соработка е интензивирањето на работата на Меѓувладината комисија за економска соработка.
велат од владата.
За „мајтапот“ опозицијата веќе побара оставка од Зоран Заев. Тој отфрли политички одговорност, бидејеќи на истата руска двојка комичари имале наседнато повеќе политичари, меѓу нив Макрон и Ердоган. Сепак, Заев изрази жалење што во разговорите споделил контакти од косовскиот премиер Рамуш Харадинај и американскиот дипломат Вес Мичел. Денеска пак потврди дека им се извинил и на српскиот и косовскиот претседател.