Заев ниту го направи идентитетот бетон, ниту пак ова денеска што се случува е согласно со европските норми, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој претходно изјавуваше дека поддржува етничката припадност да стои во личните карти и дека тој сака да се идентификува како Македонец
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја оцени како ретерирање денешната изјава на премиерот Зоран Заев дека за измените на Законот за лични карти, што ги предлага Беса, ќе се следат европските директиви.
„Нема работа за која Зоран Заев не ретерираше. Прво велеше прифаќам да стои Македонци, Албанци, Турци, Роми во личните карти за потоа да рече дека тоа било неевропски, па сега ретерира. Прво негираше дека имало состанок со грчкиот амбасадор, за потоа да каже дека имало состанок. Но фактот е еден, а тоа е дека Заев ниту го направи идентитетот бетон, ниту пак ова денеска што се случува е согласно со европските норми и стандарди“,
рече Мицкоски, кој претходно изјави дека поддржува етничката припадност да стои во личните карти и дека тој сака да се идентификува како Македонец.
Според Мицкоски, Заев создава нова нација која што треба да биде македонска „преку граѓанин на државата со новата придавка“.
„Што е со оние Македонци кои не се граѓани на оваа држава, а се малцинство во втори, трети земји или пак се македонска дијаспора која од определени причини не е во состојба да извади македонско државјанство и не е во состојба да биде дел од оваа парада и овој циркус што ни го приредуваат веќе четврта година СДСМ и Зоран Заев. Накратко, Заев ниту има бетон иденттет, ниту пак знае што значи тоа, туку тој продолжува да го распродава она што го создавале генерации. Заев, брутално, на отворена сцена, секој ден практично ретерира. Едно кажува денес, утре го напушта. Така што оваа политика падни-стани не доведе до ситуација да бидеме на дното во регионот“,
додаде Мицкоски.
Заев изјави денеска дена дебатата за правото на граѓаните, доколку сакаат на својата лична карта да стои и етничка припадност, е отворена, а како земја – кандидат за членство во ЕУ императив е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, и денеска ја повтори вчерашната изјава дека во август стапува на сила европската директива, според која е забрането споделување на етничка и верска припадност.