Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во синоќешното интервју за „360 Степени“, рече дека и покрај бројните реакции, тој лично останува на предлог-мерката за сите вработени во јавниот сектор во април и мај да добијат минимална плата од 14 500 денари, зашто е длабоко свесен за состојбите во државата.
„Ако водите грижа за државата, како за дома за семејството сериозно се поставувате. Ние можеме да играме секаков вид на популизам, па да обвинуваме зошто тие и тие не ни помогнале, па зошто не ни дале пари. Не, мора сериозно да се поставите. Ако сте родител, дома на децата им кажувате што е доброто, што е лошото и седнувате заедно тоа да го изменаџирате сите, и децата и сопругата, и јас и готово. И тоа е така. Државата на крајот е едно семејство. Ние мора да се договориме сите заедно. Дали дел од тоа семејство ќе го понесе на плеќи, а другите не, или сите заедно ќе го понесеме на плеќи. Во такви околности стојам зад тоа што сум го кажал заради тоа што има сериозна суштина за да дојдеме до таков момент тоа да го кажам“,
рече Заев.
Заев рече дека мерката ја предлага во ситуација кога ратите на кредитите ќе бидат замрзнати на најмалку 3 месеци, а ќе биде замрзната и работата на извршителите.
Сепак, тој уште еднаш рече дека ова е само партиски став и дека Владата е на сите и таа треба да ја донесе конечната одлука.
Заев во интервјуто повтори дека, според најлошото сценарио, дупката во буџетот за година ќе биде повеќе од две милијарди евра, но и дека државата тешко може да се позајми на меѓународниот финансиски пазар зашто речиси сите држави во светот сакаат да го направат тоа. За најголемите економии, тоа се огромни суми пари, поради што земјава е во незавидна позиција.
*поврзана вест (ВИДЕО) Заев: Мерките ги предложив врз база на најлошото сценарио со 30-40% приходи во буџетот, мора да има солидарност
*поврзана вест (ВИДЕО) 360 Степени сезона 6, емисија 52 – интервју со Заев