Премиерот, како и шефот на дипломатијата, по вчерашниот Самит во Брдо, денеска посочија дека не е проблем Бугарите да се вклучат во македонскиот Устав, кој е конципиран така што признава организирање по етничка основа, за разлика од бугарското уредување, поради кое не може да се инсистира на реципроцитет
Премиерот Зоран Заев и денеска изрази уверување дека може да се најде решение со Бугарија до крајот на декември затоа што, како што нагласи, различностите не се толку големи.
„Никогаш не сум ги видел вака настојчиви канцеларката Ангела Меркел и претседателот Емануел Макрон. Да бидат толку прецизни, да бидат јасни, разговарајќи и со мене и со претседателот Радев, заради следниот исчекор во овој правец“,
рече Заев одговарајќи на новинарско прашање дали препознал искрен обид кај германската канцеларка и кај францускиот претседател за решавање на спорот со Бугарија.
Декларацијата усвоена вчера, потенцира Заев, е прецизна, зборува за проширувањето во сите детали, а така прецизна била во 2003 година, на Солунскиот самит. Тој изрази благодарност за сите досега усвоени декларации во Софија, Загреб и на другите самити во изминатиот период од 18 години.
„Оваа прецизна Декларација, која вчера ја усвои Европскиот совет на Самитот за Западен Балкан, само на лист хартија не ни значи ништо, како на Северна Македонија така и на Албанија, а верувам и на другите четири земји од Западен Балкан. Затоа треба да има нешто на дело. Затоа напоменувам наша главна стратешка аспирација и цел е ЕУ и полноправното членство, а стратешка цел на надворешната политика на ЕУ е Западен Балкан, затоа што едни со други сме поврзани, економијата ни е поврзана, едни од други зависиме“,
оцени Заев на денешната прес-конференција.
Премиерот посочи дека лани имаше одлука на Европскиот совет, со сите 27 земји членки, за почеток на преговорите, а сега очекуваме Советот за општи работи во декември да донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка и закажување веднаш, до крајот на годината, на првата меѓувладина конференција.
Во врска со денешната изјава на шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој рече дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија не е пречка, но не можеме да бараме реципроцитет, Заев одговори дека вклучувањето на сите етнички заедници застапени во земјата е нешто што се подразбира пред пристапувањето во ЕУ, што не значи дека во овој момент ќе се отвора Уставот.
„Нашиот Устав ја препознава различноста во етничкиот карактер и тој ги набројува и Македонците и Албанците и Србите, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците. Не е проблем тука да се вклучат и Бугарите, Хрватите, Црногорците… Земјите што пристапуваат во ЕУ, барем во последните години, да кажам деценија и пол од 2004 година наваму, во еден поголем дел имаат пракса при отворањето на Уставот, непосредно пред полноправното членство во ЕУ, да ги додадат и другите етнички заедници освен мнозинската. Секако тоа не треба да значи дека во овој момент ние треба да го отвораме Уставот заради овие прашања. Јас верувам дека ќе биде доволно за Бугарија ако бара таква работа од аспект на преговарачкиот процес што го имаме. Тие се свесни затоа што и низ разговорите сме кажале, а многу е важно да знаат сите дека нема проблем во РСМ да бидат номинирани и други етнички заедници кои би биле составен дел на Уставот“,
изјави Заев.
Претходно, министерот Османи изјави дека не е можен реципроцитет по однос на вклучување на македонското малцинство во Уставот на Бугарија, бидејќи, како што вели, станува збор за две различни уставни уредувања по однос на организација на граѓаните врз основа на етничката припадност во Северна Македонија и во Република Бугарија, која, како што појасни, согласно нејзиниот Устав, не препознава, за разлика од нас, организирање на граѓаните врз основа на етничката припадност.
„Значи, ниту има турска заедница, ниту има каква било друга заедница затоа што уставното уредување е такво што тие не признаваат организирање на етничка основа, за разлика од Уставот на С Македонија, кој познава и признава организирање по етничка основа. И затоа тој реципроцитет не е можен, бидејќи С Македонија се има обврзано со договорот дека нема да се меша во внатрешното уредување на Бугарија, односно во ова уставно уредување кое не познава организирање по етничка основа, но тоа не значи дека граѓаните немаат право да се изразат како што сакаат“,
посочува Османи.
Тој рече дека прашањето на краткото име, за говорот на омраза, за рехабилитација на жртви на комунизмот, за работата на историската комисија, како и прашањето на немешање во внатрешните работи на Бугарија, на кое што се надоврзува и вклучувањето на Бугарите во Уставот, се петте точки кои се постојана тема на разговорите со Софија. Патоказот, како што рече, би требало да биде готов до почетокот на ноември, а во него би имало решенија кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес.
„Сметам дека Бугарија се поместува од првичната нерационална позиција за еден народ во две држави во позиција дека има една бугарска заедница со свои идентитетски и културни атрибути. Северна Македонија никогаш немала проблем да признае различни етнички групи кои имаат можност да ги манифестираат своите идентитетски, културни, историски атрибути, па ниту на бугарската заедница. Самиот факт што заедно со другите заедници – македонската, албанската, турската се бара како посебна да се вклучи и бугарската заедница е на линија на ставот дека во С Македонија постојат различни етнички заедници кои имаат право да ги искажат своите атрибути, меѓутоа тоа ќе се случи, како што кажа и премиерот, во моментот кога ќе се отвори Уставот заради членство во ЕУ. Ние немаме никаков проблем да ја вклучиме и хрватската заедница и другите заедници, бидејќи таков ни е концептот на уредување на државата во која признаваме колективно организирање на граѓаните врз основа на етничките карактеристики“,
вели Османи.
За другите посочени прашања од патоказот рече дека се разговараат подолго време и сметаат дека може да се најде решение.
На прашање дали ноември е краен рок за усогласување на патоказот за да добиеме зелено светло во декември, шефот на дипломатијата посочи дека тоа е цел на Владата.
„Тие пет точки, заедно со шестата, а мислиме дека треба да има и седма точка – одлуката за одржување меѓувладина конференција, доколку може да се усогласат како пакет, може да биде решение за надминување на разликите и ние ќе работиме на тоа. Нашиот прв таргет е 14 декември, кога се одржува состанок на Општиот совет на ЕУ“,
рече Османи.
Разговорите со Софија, како што појасни, се водат во рамки на Резолуцијата што ја донесе нашето Собрание и согласно со насоките на Владата, така што дипломатијата има можност во тој простор да најде решение кое ги задоволува двете страни.