Премиерот Зоран Заев не верува дека ќе се остварат заканите по животот на неговите деца, кои се слушнаа во аудио снимките што во саботата беа објавени на Јутјуб, кои наводно доаѓаат од лице за кое се претпоставува дека е бизнисменот Орце Камчев.
Но, и покрај тоа преземени се мерки на претпазливост.
-Лично не верувам во организација на такви закани, тие може да се дадени од различни мотивации и во различен амбиент. Ги слушнав заканите, но немам многу време да размислувам околу нив. Затоа пак, моите мајка, сопруга и деца размислуваат. Не верувам дека такво нешто ќе се реализра, но мерките на претпазливост се преземени и на тоа сум должен прво како родител, потоа како претседател на владата, изјави денеска Заев.
За „Рекет“ вели дека е еден сериозен случај, за кој граѓаните ја очекуваат вистината преку судскиот процес.
„Овој случај можеби нанесе политичка штета врз одредени политички субјекти, вклучително и врз извршната власт, но извршната власт е таа која обезбеди независност и целосна растовареност на судските власти да истражуваат, да собираат докази и еве да се суди. Тоа е и сериозна порака до ЕУ дека работите во С.Македонија се променети и законот важи еднакво за сите без разлика дали е обвинител, газда на медиум или бизнисмен и така мора да остане“, рече Заев.
Во петтата аудио снимка од минатата недела, еден од снимените гласови порачува дека ако треба ќе има и крв, и се споменува машко дете и ќерка.
Јавното обвинителство викендов отвори истрага за овие снимки, а таа ќе се прошири и на денеска објавените.