Седум аудио-снимки, поврзани со случајот „Рекет“, но со сосема различен карактер од оние што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“, осамнаа на анонимен јутјуб канал. На снимките се слуша глас кој наликува на оној на бизнисменот Орце Камчев, сведок во „Рекет“ и осомничен од СЈО во предметот „Империја“. Снимките траат по 10-20 секунди, а објавени се вчера. Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, вели дека овие снимки не се дел од доказите за случајот „Рекет“, кој таа го води.
Тешко е да се одреди моментот во кој се случува снимената конверзација, но најверојатно станува збор за период во кој веќе се објавени снимките во „Ла Верита“ (што се случи во првата половина на август оваа година). Тогаш премиерот Заев веќе има нов телефонски број (го смени околу 20 јули) што се споменува во една од новите снимки, а може да се користи како временска референца за да се претпостави кога се одвива разговорот. Исто така, тешко е да се одреди контекстот и да се одгатне на кого се однесува она што го зборува Камчев во дел од снимките.
Највпечатлива можеби е снимката под реден број 3, во која Камчев му вели на соговорникот дека ако не се смири топката (најверојатно мисли меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ), ќе изгине семејството Заеви, а ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт. Камчев зборува за војна отворена од Зоран Заев кон него, најверојатно поради тоа што премиерот сметал дека тој (Камчев) стои зад објавувањето на снимките во „Ла Верита“ и така и помага на ВМРО-ДПМНЕ.
Еве ги снимките според редниот број со кој се објавени:
„Имаш ли некое влијание или немаш?
-Кај кој?
Кај нив.
-Абе другар влијанија, ја сум со нив знаеш фамилијарно.
Викни го утре да е видиме, да се разбереме со Вицето. Ќе крварат и они и ние“, се слуша во една од снимките.
„Трагично е. Лошо е да ‘умреш со ваква смрт’, како Заев. Бар заврши работа, промени име, не стаи во НАТО, јас дадов интервју, го утепав од фалење и он мене у затвор“,
се слуша во втората снимка.
„Шефе ако не се смири топката, дај да пробаме да направиме некое помирување, некаде со ВМРО на маса, они двајца, со некакви двајца медијатори наши. Они ќе изгинат како фамилија (Заеви). Кај и да е ВМРО ќе си дојде“,
се слуша во третата снимка.
„Никој не знаеле кој што има од тоа време, така? Реално не знаеле. Јас што имам, ако сакав да ги рушам Заеви, Заеви до сега ќе беа во затвор. Тоа нема да се деси. Што треба ја, да претендирам премиер да станам ја за да добијам тоа, не ме интересира. Мир, мир, мир. Не ме интересира, остајте ме, не барам ништо, не барајте ништо“,
се слуша во четвртата снимка.
„Нема да дозволам да ми го газат достоинството. Никој, не постои таков на светот. Јас со Сашо Мијалков се расчистив. И на ферка, така се претплатив, само чисто да биде“,
се слуша во следната снимка.
„Истекува времето, саати се во прашање. Еве ја пораката,што отиде преска до него. На адвокатот на Заев, на Тумановски му ја прати мојот човек: Јас и ти го погодивме моментот за разговор, ама се плашам дека други да не го промашат моментот. Ми кажуваат дека сменил мобилен телефон, затоа те молам ти пренеси го она што го зборевме. Ова е војна кон Орце, која он не ја отвори. Тоа ќе го докаже и времето, а уште подобро ќе го докажат и некои посериозни институции од странство. Но, ако веќе З.З. прогласува војна, ние не се враќаме назад, идеме напред. Ако се продолжи вака, во рок од 24 часа, само ќе изгинат главните играчи. Другите ќе ракоплескаат и ќе седат во публика. Тоа не му треба, ни на него, ни на неговото семејство, ни на Орце. И двете страни имаат сериозни куршуми во раце. Овој има и бомби јаки, не сака да ги употреби и да ги тестира на Струмица, а уште помалку кон него, пошто нема да му ги користат. Најди го, пренеси му, пошто ова е сериозно и кажува е за последен пат“, се вели во шестата снимка.
„Ќе пуштам како Ким Јонг…Па тепајте се во Македонија. И ќе дојде Мицкоски. И шо праиме после? Треба крв до колена? Не се научија дека 30 години најпаметни само Љупчо и Бранко испаднаа, после седнаа се договорија, така беше?“,
се вели во последната снимка.