Би нарачале од „Спутник“, бидејќи имаме капацитет за набавка на дополнителни 100 000 дози вакцини против ковид-19, рече премиерот
Согласно со планот за вакцинација и склучените договори, имаме капацитет да се набават дополнителни 100 000 вакцини, со што би се надополнил севкупниот план за вакцинација, изјави денеска премиерот Зоран Заев, посочувајќи дека следните дополнителни вакцини ќе бидат „Спутник“.
„Во координација со министерот за здравство, синоќа добив информација дека имаме капацитет, согласно планот за предвидување, склучените договори и платените аванси, да направиме дополнително и 100 000 дози нарачка од следна вакцина, што би го надополнила севкупниот план, а не би предизвикала да останат вишок вакцини. Така што би нарачале од „Спутник“, бидејќи има капацитет од дополнителни 100 000 дози, да се направи порачка и од таму. Се што постои од вакцина, направивме нарачки“,
одговори Заев, при посетата на Пробиштип.
Истакна дека оваа недела се очекуваат и првите информации и од Европската Унија, од директниот договор со „Фајзер“, понатаму преку Ковакс-механизмот, а во последната недела од февруари се очекуваат и вакцини од Кина, како и планот што е направен за дополнителни нарачки.
„Верувам дека вакцинацијата ќе биде согласно предвидената динамика. Вакцините што ги добивме од Србија се за самите здравствени работници, до вчера беа вакцинирани околу 850 и продолжуваме понатаму. Очекуваме оваа недела да дојдат и останатите вакцини од Србија, кои досега се 4680, со што ќе се дојде до бројката од 8.000“,
посочи премиерот.
Вакцинацијата во земјава почна во средата со првата пратка од 4680 вакцини „Фајзер“ што ги добивме од Србија. Први се вакцинираат здравствените работници што работат во ковид центрите.
Во однос на случајот во болницата во Охрид, каде што со медицинскиот персонал се вакцинирал и секретарот на установата, Заев рече дека верува оти ќе се преземат конкретни чекори со цел да не се повторат вакви случаи на вакцинирање надвор од протоколот.
Директорот на Општата болница во Охрид Горан Балевски признава дека имало пропуст во списокот лица вакцинирани против ковид-19, но вели дека се работи за изолиран случај, конкретно за лице активно вклучено во секојдневните активности за спречување на ширењето на заразата.
„Овде не се работи за лице од медицинската служба. Станува збор за организациски секретар во болницата, но лице што е активно вклучено во сите активности поврзани и со епидемијата. Ние имаме служби што не се медицински во болницата, а во овие услови се исклучително потребни за секојдневното работење на установата, некои технички служби се дури и неопходни за нормално функционирање на болницата во вакви ненормални услови“,
вели Балевски за МИА.
Тој уште појасни дека лицето се пријавило за вакцинирање откако од списокот првопријавени испаднале неколку здравствени работници кај кои имало регистрирани антитела односно биле позитивни на ковид-19.