Одговарајќи на пратеничко прашање, министерот за здравство потенцира дека досега не постоела ниту една можност да ја добиме руската вакцина, во моментот кога првпат ни била понудена, бидејќи не бил завршен процесот на клиничко испитување
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека пред неколку месеци добил понуда од рускиот амбасадор во нашата земја Сергеј Баздникин руската вакцина „Спутник Ви“, но таа тогаш била во третата фаза од клиничките испитувања, кога процесот, кој гарантира нејзина безбедност, не бил целосно завршен.
Одговарајќи на прашање на пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, Филипче најави дека руската вакцина против ковид -19 најверојатно ќе пристигне во земјава преку Ковакс – системот.
„Таа влегува во еден од деловите на Ковакс – механизмот, откако во меѓувреме заврија тестирањата. Не како целосно одобрена. Меѓутоа, очигледно дека во официјалната група на сите производители преку Ковакс ќе стигне и руската „Спутник Ви“. Значи, ние ќе можеме евентуално да ја добиеме и оваа вакцина со одлука на СЗО и на Гави алијансата“,
рече Филипче.
Тој потенцира дека досега не постоела ниту една можност да ја добиме руската вакцина, во моментот кога првпат ни била понудена, бидејќи не бил завршен процесот на клиничко испитување.
Филипче вечерва и од собраниската говорница инфрормира дека во февруари ќе ги добиеме првите дози на вакцината на „Фајзер“, откако денеска попладне постигнат е директен договор со компанијата, а количината ќе биде позната во текот на следните недели.