Во продолжението на судското рочиште за „Рекет“ се читаа материјалните докази на обвинителството добиени од вештачењето на мобилниот телефон на Бојан Јовановски-Боки 13.
Така, меѓу доказите имаше и принтскрин од комуникација преку „Ватсап“ на Боки со доскорешниот премиер Зоран Заев. Боки ѝ го испратил принтскринот на мајка си лани во април, а во содржината на пораките се чита преписката со Заев:
„Сум покажал многу пати, јас сум ти другар и пријател. Од мене никогаш не си слушнал ниту сум го злоупотребил твоето име… Крајната одлука за нашиот однос ќе биде твоја. Кристално ми е јасна целата конструкција“,
му пишува Боки и бара средба со Заев.
Во пораката што ја добива Боки од експремиерот, меѓу другото, пишува:
„Ги видов доказите. Можеш ли да замислиш колку сум огорчен за јас да напишам таков одговор. Извини, но грозно е. Сум се борел храбро, јас сум претседател на влада и должен сум да го заштитам владеењето на правото.“
Од уште еден притскрин се чита дека Боки му пишува на Заев:
„Ви кажувам и тврдам, уште еднаш ве замолувам, да ме примите и да размислите, јас никогаш не сум го злоупотребил вашето име.“
На ова, во одговорот на Заев, меѓу другото, стои:
„Ги видов доказите. Ова не е дозволиво, ова е чист рекет, моја должност е да постапам.“