Премиерот порача дека ако македонски политичар повика граѓаните да седат дома, тогаш македонските граѓани ќе бидат помалку попишани, а ист би бил случајот и со албанскиот народ ако тоа го направи некоја албанска партија. И во однос на општините, вели Заев, ако не се попишат сите граѓани тогаш би немало пари при распределбата за рамномерен развој
На премиерот Зоран Заев му е мило што во речникот на опозицијата за пописот го нема зборот „бојкот“, а смета и дека е воопшто непотребно ВМРО-ДПМНЕ да собира потписи против Законот за попис кога има 44 пратеници.
„Мене ми е мило што не го гледам зборот ’бојкот‘ кај опозицијата туку за непризнавање на резултати или слично, затоа што да терате некој во бојкот е терање да се крши законот во конкретниот случај. Кој ќе им плати казни на граѓаните ставајќи ги во вакви околности. Јас верувам дека нема потреба ни од какви било потписи. Само еден пратеник, а ВМРО-ДПМНЕ е голема партија, има 44 пратеници, може да понесе нов закон или измени и дополнување на закон или што било, затоа не се потребни никакви манипулации или фарси со собирање на потписи. На крајот на денот уште еднаш кажувам треба да се растеретиме од оваа статистичка операција побрзо, која е потребна пред сè за економски цели, стратегии, рамномерен развој“,
изјави Заев.
Во однос на бојкотот тој порача дека ако македонски политичар повика граѓаните да седат дома, тогаш македонските граѓани ќе бидат помалку попишани, а ист би бил случајот и со албанскиот народ ако тоа го направи некоја албанска партија. И во однос на општините, вели Заев, ако не се попишат сите граѓани тогаш би немало пари при распределбата за рамномерен развој.
„Ако кој било македонски политичар даде инструкции граѓаните да седат дома тогаш тие македонски граѓани ќе бидат помалку попишани. Албански политичар истото може да го направи, ќе биде помалку попишан албанскиот народ. Или ако организираат, на пример, Карбинци, Кочани, Делчево Дебар, да седат дома, тие граѓани ќе патат, за таа општина ќе нема соодветно пари во рамномерната распределба во сите проекции за државата“,
вели Заев.
Премиерот уверува дека пописот ќе биде по сите меѓународни и по стандардите на Евростад и не гледа воопшто причина за одложување на пописот.
„Не гледам ниту промил причина за негово одложување, насекаде па и кај нас, а кај нас уште повеќе бидејќи немаме попис во последните десет години. Мене ми е мило што претседателот на државата уште еднаш со експерти, со едно непристрасно око, ќе погледне. Да не испадне дека само власта тврди едно, опозицијата, иако мал дел, само македонската бидејќи албанската по поддржа законот, тврди друго. Тоа ќе биде уште еден коректив. Веројатно на почетокот на наредната недела, и претседателот Пендаровски ќе соопшти за неговиот став“,
изјави Заев.