Премиерот Зоран Заев побара од Јавното обвинителство да се изјасни дали специјалната јавна обвинителка е злоупотребена или инволвирана во случајот „Рекет“. Во интервјуто за МИА, што е негов прв јавен настап по вчерашната оставка на Катица Јанева и отварањето на истрагата против Боки 13 и Зоки Кичеец, премиерот вели дека случајот е доказ дека земјата има систем кој си ја врши работата и упати апел до сите кои евентуално биле таргет на рекетирање да се пријават во ЈО.
„Законот мора подеднакво да важи за сите, без разлика за кој се работи. Во случајот веќе има двајца осомничени, а како што слушнав од медиумите, конфискуван е и телефонот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за да утврди дали постои конекција меѓу неа и првоосомничениот. Поради тоа што се работи за високо позиционирана личност, тоа дава мотив за секаков вид политички шпекулации. Според мене, Јавното обвинителство треба да каже дали е злоупотребена во целиот овој процес или инволвирана во овој процес. Тоа е коректно да се каже бидејќи се злоупотребевуаат секаков вид на аргументи за да некој прави политички конструкции или слично“
изјави премиерот Зоран Заев.