Лицата од Авганистан ќе добијат виза за привремен престој во земјава, а засега нема барања за политички азил, рече денеска премиерот Зоран Заев.
Премиерот рече дека лицата што државата е подготвена да ги прими ќе добијат дозвола за времен престој од 90 дена.
„Зошто ние по глава на жител ќе примиме повеќе хуманитарци, миротворци, активисти за човекови права, новинари, локал стаф на ОН, на НДА, на ИРИ и на многу организации за човекови слободи, прави и демократии и слично, веројатно заради тоа што имаме поголемо срце во моментот од сите други, заради тоа што чувствуваме поголема хуманост од сите други, веројатно заради тоа што нашиот регион поминал своевидни трауми во блиско минато, поблиско од другите земји, па знаеме колку е важна помошта кога може некој да ти подаде рака, да ти помогне, посебно заради тоа што навистина ги знаеме сликите од фундаменталистички напливи што значат одземање животот, сите страотни сцени што ги имаме видено, се со конечна цел, подвлече, да подадеме рака и да помогнеме…Немаме случаи на барања политички азил, но секако согласно меѓународните закони што се прифатени кај нас, ќе ги разгледаме ваквите активности. Сите лица за кои се подготвуваме да ги пречекаме и за кои сме дале потврда дека сме подготвени да ги примиме, ќе добијат статус на времен престој од 90 дена преку издавање на виза за време на престој од три месеци, иако за некои од нив имаме најавено дека веднаш заминуваат, некои за 10-15 дена или слично“,
истакна Заев.
Заев додаде дека Владата нема никакви предрасуди, ги донесе сите неопходни одлуки, понуди и подава рака и учествува во хуманитарна мисија за Авганистан.
Тој рече дека трошоците за престојот на бегалците ќе ги покријат соодветните организации и Соединетите Американски Држави.
„Но, тоа не значи дека ако треба нешто да покриеме и ние ќе покриеме. Досега ги носиме трошоците на превоз до хотелите, на вакцината, на ПЦР тест да се направи, на понудите за бесплатен здравствен преглед и секако доколку има потреба за други активности“,
изјави премиерот.