Колку е поголема реакцијата, толку е поголем ефектот таму, и можеби тоа е и идејата, рече вицепремиерот Димитров
Иако сум во искушение, сепак ќе се воздржам бидејќи сите аргументи покажуваат дека се работи за предизборен фолклор, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, на новинарско прашање да ја коментира најновата провокација од бугарскиот министер Красимир Каракачанов, кој во наводна честитка за 8 Март ја вметна картата на Санстефанска Бугарија, во чиј состав е дел од Македонија.
„Колку е поголема реакцијата, толку е поголем ефектот таму, и можеби тоа е и идејата. Но, принципиелно и со најумерени зборови ќе кажам, дека треба да сме внимателни во тоа што зборуваме и што објавувааме и треба да избегнуваме објави кои наликуваат на територијални претензии и се против Договорот за пријателство, ние сме земји – членки на НАТО, така што во однос на овие цели да се гледа помалку на денот, а повеќе на долг рок“,
рече Димитров.
Премиерот Зоран Заев, објавата на Каракачанов ја нарече „пенал“, но исто како и Димитров рече дека нема да одговара.
„Договорот за пријателство и соработка покажува дека немаме територијални претензии. Сето ова е предизборен фолклор и секоја наша друга реакција е влегување во изборите на Република Бугарија“,
рече Заев.