По билатералната средба и церемонијалните активности во Скопје, утре попладне премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов ќе присуствуваат на откривањето споменик на бугарскиот полковник Константин Каварналиев во близина на Дојран.
Во дел од медиумите, циркулира барање од бугарската амбасада до македонското МНР од април 2018 година, за реконструкција на постоечкиот споменик во близина на Дојран кој е руиниран. Во барањето, бугарската страна изразува подготвеност за поставување копија на оригиналниот споменик.
За тоа дека такво барање не само што постои, туку дека е во тек и постапка за негова реализација, сведочи и изјавата на премиерот Заев, дадена при посетата на Бугарија во ноември 2018, седум месеци по барањето упатено од бугарската амбасада до МНР.
„Сакам да ги информирам граѓаните на Бугарија дека интензивно работиме на отворањето на комплетната инфраструктура и пристапност до локацијата на споменикот на полковник Каварналиев во областа на Дојран. Истовремено после завршување на поставувањето на споменикот на полковникот Каварналиев во областа на Дојран, којшто беше уништен низ годините наназад, ќе ја возобновиме и плочата на Кајмакчалан. Тоа не е обврска од договорот, тоа е обврска од пријателството, тоа е обврска на сите нас да ги зближиме двата народи и нашите земји, да продолжи соработката“,
изјави премиерот Заев на заедничка прес-конференција со бугарскот премиер на 15.11.2018 во Софија.
На истата прес-конференција Борисов посочи дека веќе се готови цртежите за споменикот, и неговото поставување е важно за „замолчување“ на политичките опоненти.
„Тоа е важно за сите наши опоненти кои кажуваат дека ние сме се откажале од историјата, напротив. И двете држави имаат толку многу историја, имаме да се пофалиме доволно“, рече Борисов.
Споменикот не е дел од договорот за добрососедство меѓу двете земји, ниту пак, заедничката историско-образовна комисија со Бугарија дебатирала за поставување споменици. Освен потврда дека двајцата премиери утре ќе го отворат, „360 Степени“ од Владата не доби одговор кој платил за споменикот.
КАВАРНАЛИЕВ НЕ ИМ Е ПОЗНАТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ИСТОРИЧАРИ

Кaварналиев бил полковник за време на Балканските војни. За негова заслуга се припишува безбедна евакуација на население за време на војните. Загинал во близина на Дојран 1913 година. Неговиот лик и делото се непознати за македонските историчари.
Го прашавме професорот Владо Поповски, но тој одби да коментира велејќи дека нема никаква информација за оваа личност. Каварналиев е непознат и за историчарот Петар Тодоров.

„Искрено не знам многу за Каварналиев, но ако ме прашувате лично, јас како историчар сум против подигнување споменици од воено-политичка историја. Помина времето кога се величаа луѓе кои учествувале во војна, а со тоа се глорифицираа и војните“, вели за „360 Степени“ историчарот Тодоров, кој е и член на заедничката историско-образовна комисија со Бугарија .
На откривањето на споменикот на Каварналиев, утре му претходат заеднички активности на двајцата премиери во Скопје. Борисов свечено ќе биде пречекан пред владината зграда, по што следува билатерална средба и заедничка прес-конференција. Двајцата премиери ќе се поклонат на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, а пред тргнување кон Дојран, Борисов ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски.