Владините функционери кои доцна вечерва дојдоа во Тетово, откако во градот починаа најмалку десет лица во пожарот во модуларната ковид болница, ја напуштија зградата на општината. Новинарите очекуваа изјава од нив по големата трагедија, но делегацијата во која беа премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети, министерот за здравство Венко Филипче, вицепремиерот Артан Груби, одлучи да не застане пред камерите. Само кусо, премиерот Заев кажа:

„Изјави ќе нема додека работат…форензичари, експерти… Преуранети изјави може да направат проблем“
изјави премиерот Зоран Заев.
На излегување од зградата на општината, Заев беше пресретнат од уште една група новинари. И таму застана на кратко само за да каже дека утре ќе има владина седница.
Закажавме во 10 часот влада. Имаме …(неразбирливо)… информации. Ќе соопштуваме секако.
-Колку жртви има, ви кажаа?
по што премиерот продолжи кон излезот.
Кратко пред да излезат од состанокот на кризниот штаб, кој почна околу 23 часот, министерот Венко Филипче на Твитер сподели дека во пожарот има најмалку 10 починати, но и дека бројката е можно да расте.
Тоа е првиот и засега единствен биланс по пожарот во модуларната ковид болница која се наоѓа во рамките на Клиничкиот центар во Тетово.
Во сличен период, но на Фејсбук, се огласи и премерот Заев. Тој не го спомена бројот на жртви, но напиша дека пожарот бил предизвикан од експлозија.
„Огромна трагедија се случи во тетовскиот КОВИД-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените.Причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен.Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација. Во моментов трае кризниот штаб во Општина Тетово“,
напиша Зоран Заев на Фејсбук.