Националниот координатор за стратегиски комуникации образложува и како би функционирал медиумскиот фонд што вчера го најави премиерот
Северна Македонија има недостик од домашна продукција. Сведоци сме на информативни, културни и едукативни содржини во македонскиот етер на други јазици, од други држави. Медиумскиот фонд, од каде што би се издвојувале средства за истражувачки медиумски проекти и средства за проекти од јавен интерес, би помогнал во продукција на македонски јазик и на јазиците што се зборуваат во нашата земја, изјави националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец.
Во гостување на „Тера ТВ“ додава дека таков предлог има пристанато од повеќе страни дури и дека таков медиумски фонд не е нова идеја.
Живеењето денеска е дигитално. Гледаме непречено содржини од соседите и од други земји, но недостига домашна македонска содржина“,
истакна Забрчанец.
Појасни дека средствата за тој фонд би се обезбедиле со одвојување на одреден процент од даноците кои што бизнисите ги плаќаат на државата.
„Проценката е милион и пол до два и пол милиони евра годишно, за продукција на домашни содржини, за истражувачко новинарство, за едукативни содржини и продукти што излегуваат од медиумите на теми од јавен интерес, но и за обуки и јакнење на капацитетите на медиумските работници, што се проценува дека недостига во медиумскиот сектор“,
изјави Забрчанец.
Тој додаде дека веќе трета година е активна програмата за поддршка на печатените медиуми, каде што до 50 отсто се покриваат трошоците од минатата за печатење и дистрибуција на весниците.
Според него, неопходна е и кампања за едукација за вакцините, бидејќи само половина од населението е подготвено да се вакцинира.
„Добиваме информации од различни истражувања дека само половина од населението во Северна Македонија е подготвено да се вакцинира. Тоа подразбира дека мораме да ја интензивираме комуникацијата, едукацијата и информираноста на населението, што подразбира нужна потреба од кампања од јавен интерес, едукативна и информативна, која во никој случај не смее и не може да биде политичка, ни идеолошка, бидејќи вирусот не бира ни по раса, ни по вера, ни по политичка припадност“,
истакна Забрчанец.
Тој нагласи дека веќе не постои праксата од минатото, кога, како што рече, претходната власт злоупотребуваше и користеше милиони средства пари на граѓаните под превезот на владино рекламирање, а со цел да корумпира медиуми. Посочи и дека ќе бидат предложени измени во член 102 од Законот за аудио-визуелни услуги, која предвидува дефинирање на исклучок од забраната за владино рекламирање, со цел да се може да се предвидат средства од буџетот за да се информираат граѓаните во случај на потреба на заштита на јавно здравје, заштита на безбедноста или други теми од висок јавен интерес, како што е на пример пописот, борба против корупција.
Тој нагласи дека со предложените измени ќе остане на сила забраната за владино „себерекламирање“ и за политички кампањи што го делат народот.
„Во предлогот има два клучни заштитни механизми, и тоа формирање независна комисија, тело кое што ќе дава мислење дали одредена тема е од јавен интерес или не, а вториот заштитен механизам е распределбата на буџетските средства, што нема да ја прави владата, туку софтвер со точно утврдени критериуми. Потенцираме дека по предлогот што го дефинираме, ќе следат состаноци со сите здруженија, медиумски работници, сите заинтересирани, а заштитните механизми ќе се проверат со Венецијанската комисија“,
нагласи Забрчанец.
И премиерот Зоран Заев изјави вчера дека во наредните денови ќе се одржат повеќе состаноци и средби, пред се со медиумските здруженија, за да се најде начин како да се реализираат јавни кампањи во медиумите.
„Имаме сериозен план и една од темите на кои сме посветени како Влада е како да овозможиме спроведување на кампања од јавен интерес, не, од политички интерес, не од владин интерес – од јавен интерес. Затоа отворивме една дебата за да изнајдеме начин како потребата од јавните кампањи, како што сме сега исправени пред кампања од јавен интерес за вакцинацијата“,
рече Заев.
Но, исто така, додаде тој, во разговорите сакаме да укажеме дека гледаме начин како да ги зајакнеме медиумските работници, како да ги зајакнеме во делот на нивното функционирање, стабилност и независност и новинарите и медиумите генерално.
Затоа предлагаме варијанта за формирање фонд за истражувачко новинарство што ќе помогне во идни кампањи за борба против криминалот и корупцијата. Сакаме да продуцираме фонд за нови продукции. Навистина сакаме да гледаме продукции на содржини што ги има во светот, а кај нас ги нема – образовни, еколошки или слично. Но, исто така сакаме да овозможиме и спроведување кампањи од јавен интерес. Зошто да може ЕУ, зошто да може УНИЦЕФ или ОН да водат кампања од јавен интерес, а државата да не може да води? Може и опозицијата да отвори потреба од некоја јавна кампања“,
рече премиерот.
Како што нагласи тој, критериумите за тоа мора да бидат јасно мониторирани од медиумските работници, од медиумите сите заедно за да нема политички кампањи, но, јавните кампањи треба да се спроведат.