Забраната е воведена поради врнежи од снег

Поради врнежи од снег на патниот правец Гостивар-Кичево, вечерва од 22:15 часот е воведена забрана за движење на тешки товарни возила, информираат од Јавното претпријатие „Македонија пат“.
„Од превентивни причини на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила“,
се наведува во соопштението.
Од ЈП „Македонија пат“ апелираат на внимателно возење и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
„Дежурните екипи на ЈП ‘Македонија пат’ се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни. Сите подетални информации учесниците во сообраќајот можат да ги добијат на нашиот дежурен телефон 02 25 61 502“,
информираат од јавното претпријатие.
Информацијата, дека преку Стража не може да се движат тешки товарни возила, ја потврдуваат и од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) од каде на возачите им препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.