Претседателката на Претставничкиот дом важи за еден од најжестоките критичари на Трамп, а по упадот во Капитол Хил таа повика потпретседателот Мајк Пенс и членовите на владата да го отстранат предвреме од функцијата или Конгресот ќе почне постапка на импичмент. Денеска, пак, Пелоси побарала од Генералштабот, Трамп да биде лишен од пристап до кодовите за нуклеарно оружје
Од канцеларијата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, бил украден лаптоп за време на упадот во Капитол Хил, потврдил нејзин помошник во Конгресот.
Тој не открил повеќе детали освен дека станува збор за лаптоп кој се користел за презентации во конференциската сала.
Кражбата на електронските уреди од канцелариите, наведува „Ројтерс“ е една од грижите кои ги имаат конгресмените по упадот на поддржувачите на Трамп во зградата на Конгресот.
За време не немирите, токму фотографија од канцеларијата на Пелоси привлече големо внимание во јавноста. На фотографијата што ја направиле новинарите се гледа како еден демонстрант седи во нејзината фотелја во канцеларијата со нозете кренати на бирото.
Пелоси важи за еден од најголемите критичари на претседателот Трамп. По упадот во Капитол Хил, кој се случи откако Трамп одржа говор пред насобраните демонстранти во Вашингтон, таа повика на итно разрешување на претседателот според амандманот 25 од американскиот Устав кој им овозможува на потпретседателот и на членовите на кабинетот на претседателот да го симнат од функцијата поради неспособност да ја извршува истата.
„Трамп е многу опасна личност за Американците и американската демократија и не треба да продолжи да биде и понатаму на функцијата. Доколку потпретседателот не го преземе тој чекор, Конгресот е подготвен да поведе постапка за импичмент“,
рече Пелоси.
Денеска, пак, во писмо до своите колеги конгресмени таа открива дека разговарала со началникот на Генералштабот на американската армија да преземе чекори за ограничување на пристапот на Трамп до кодовите за евентуална употреба на нуклеарно оружје.