Во петок за пред Јавното обвинителство е закажан протест против изградбата на висококатниците на просторот спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје.
Како организатор на најавениот протест е иницијативата Зелен хуман град (ЗХГ) од каде што сметаат дека висококатници на таа локација ќе резултира со уште поголемо загадување на воздухот во главниот град.
„Во Македонија годишно умираат повеќе од 3 500 луѓе од загаден воздух! Ако се дозволи изградбата уште повеќе ќе се спречи струењето на воздухот што ќе резултира со уште поголемо негово загадување и дополнително ќе се влоши квалитетот на живот во центарот на Скопје. Центарот ќе биде парализиран од сообраќаен метеж и луѓето што живеат и работат во близина нема да може да ги извршуваат секојдневните обврски!“,
велат од ЗХГ.
Меѓу барањата на иницијативата е веднаш да се запрат градежните активности на просторот, обвинителството да се произнесе за иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција која побара да се испитаат сомнежите околу носењето на ДУП-от за тој простор.
Останатите барања се:
„Владата да одвои средства од централниот буџет доколку Општина Центар нема доволно за новомаалци да добијат решение и излез од нехуманите услови во кои живеат.
Советот на Општина Центар најитно да го изгласа елаборатот за суспензија за натамошно спроведување на овој ДУП.
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам најитно да спроведе надзор врз основа на претставката поднесена од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД.
За локацијата да се распише меѓународен конкурс со кој ќе се гарантира зелено и хумано решение“.
Инвеститорот „МГ фешн“ ДОО Скопје пред десетина дена преку соопштение за јавноста информираше дека почнуваат со изградба на првата кула на оваа локација.
Предметот за спорниот ДУП, пак, кој се однесува на овој простор, а за кој антикорупционерите бараа да реагира обвинителството, сè уште е во предистражна фаза. Како што одговорија од обвинителството за „360 степени“, Така е затоа што се работи за обемен материјал и период кој опфаќа мандати на двајца градоначалници. Додаваат и дека сослушуваат сведоци и чекаат информации од МВР кое во два наврати барало продолжување на роковите за прибирање докази поради структурни промени во надлежната единица.