Владејачкиот СДСМ тврди дека е лажна анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), во која на прашање доколку има избори следната недела, 20 отсто од анкетираните кажале дека би се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, а 12,9 отсто би го поддржале СДСМ.
„По сите релевантни анкети, како поминува времето рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ драстично се намалува, градоначалниците од оваа партија се најголемо разочарување, Мицкоски менува ставови секој ден а Левица го зема опозицискиот примат. Една таква анкета беше објавена пред неколку дена.
Оттука, јасно е дека на ВМРО-ДПМНЕ им е потребна нова лажна анкета за нова лажна надеж за Мицкоски. Анкети по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ не може да ја покријат неработата на градоначалниците од оваа партија во изминатата година. Ниту фактот дека Мицкоски нема став за ниту едно важно прашање.
Граѓаните знаат како се спроведуваат нарачаните анкети. Исто како што знаат дека овој Институт и во 2020 година предвидуваше победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на парламентарните избори, па тоа не се случи. Напротив. Медиумите објавија дека токму овој Институт склучувал договори со државни институции во време на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, како Агенцијата за вработување, Министерството за здравство итн.“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
ИПИС за сопствени потреби спровеле телефонско истражување во периодот помеѓу 23 и 26 мај 2023 на 1 112 полнолетни испитаници на ниво на Република Северна Македонија, пренесуваат повеќе медиуми.
На прашањето – во кој политичар имаат најголема доверба, 13,5 отсто од анкетираните се определиле за Христијан Мицкоски, 5 отсто за Димитар Ковачевски, 2,8 отсто за Стево Пендаровски, 1,5 отсто за Зоран Заев, 6,6 проценти за Али Ахмети.