Џафери попладнево им соопшти на пратениците дека за собраниските служби е обезбедена дозвола за движење, доколку има потреба да останат на работа по 22 часот, со оглед на тоа што, освен за пописот и за Изборниот законик, се очекува вечерва да се гласа за уште пеесетина закони што досега беа блокирани
Собранието вечерва може да заседава и по 22 часот, односно и откако ќе почне полицискиот час.
Спикерот Талат Џафери попладнево, реплицирајќи на еден од говорниците на седницата за пописот, соопшти дека за собраниските служби е обезбедена дозвола за движење за време на полицискиот час, доколку има потреба да останат на работа по 22 часот.
За пратениците, пак, како што рече Џафери, не важи полицискиот час, односно Собранието може да работи и во случај на воена состојба.
Според неофицијални информаци од Собранието, можноста пратениците да работат и во време кога стапува на сила забраната за движење, е предвидена со владината одлука за полицискиот час.
Очекувањата во парламентот се дека по рдовната пауза, прдвидена со ковид-протоколите, ќе се гласа за измените на Законот за попис, со кои се предвидува одложување на операциата за септември. Потоа би требало да се донесат уште пеесетина закони што беа блокирани во Собранието, а за кои беше најавена поддршка од опозицијата по средбата меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Собранието попладнево ја продолжи 38.седница, со две точки на дневниот ред: одложување на пописоти измени на Изборниот законик, со кои се уредува употребата на терминали за отчитување отпечаток од прсти на локалните избори, кои, исто така, ќе бидат одложени за втората половина на октомври. По завршувањето на оваа седница, која е во тек, Собранието треба да продолжи со работа по уште шест седници на чиј дневен ред се пеесетина закони што беа блокирани досега и што се очекува да бидат донесени вечерва.