Жителите на Санторини и околните острови поминале релативно мирна ноќ во споредба со изминатите денови, со оглед на тоа што не се регистрирани голем број земјотреси, а најсилниот е со 4,2 степени според Рихтеровата скала
Изминатите 15 дена откако траат потресите на грчкиот остров на Егејското Море, Санторини, во морскиот дел околу овој и островот Аморгос имало над 15 300 земјотреси, пренесуваат грчките медиуми.

Од почетокот на сеизмичката активност во зоната Санторини-Аморгос од 26 јануари до 9 февруари, Сеизмолошката лабораторија на Универзитетот во Атина лоцирала повеќе од 14 000 земјотреси, од кои над 13 илјади биле посилни од 1 степен.
На 10 февруари, пак, е почувствуван најсилниот земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, а вкупно во текот на денот имало на 1 200 земјотреси, од кои над 240 биле посилни од 2,5 степени.
Жителите на Санторини и околните острови поминале релативно мирна ноќ во споредба со изминатите денови, со оглед на тоа што не се регистрирани голем број земјотреси, а најсилниот е со 4,2 степени според Рихтеровата скала.
Сеизмологот Димитрис Папаниколау за грчката телевизија Антена утрово посочи дека не треба да залажува синоќешната блага сеизмичка активност, бидејќи смета оти потресите ќе продолжат, како и дека се очекуваат уште земјотреси од над 5 степени според Рихтер.
Проценките на сеизмолозите се дека оваа појава на земјотреси може да трае со недели, па дури и со месеци.
Поради интензивна сеизмичка активност, грчката влада прогласи вонредна состојба на Санторини откако егејскиот остров беше погоден од серија земјотреси во последните денови, што предизвика евакуација на повеќе од 11 000 жители и туристи.
Училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, поради земјотресите се затворени и оваа седмица, со одлука на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и на Комисијата за следење на вулкански активности при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција.