За 15-20 дена се очекува Србија да ги произведе првите вакцини „спутник В“, најави денеска српскиот министер Ненад Поповиќ.
Србија ќе ги произведува вакцините во Институтот за вирологија и серуми „Торлак“. Вчера во посета на институтот биле претставници на рускиот Национален институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалаја“, кои го врачиле сертификатот за производство.
„Ни одадоа признание дека сме земја која во најкраток рок успеала да го спроведе на дело договореното и да ја заврши постапката. Направија контроли врз основа на 18 параметри и донесоа одлука“,
изјавил Поповиќ за РТС.
Според неговата изјава, во наредните 10-15 дена од Русија треба да бидат испратени потребните супстанци, а потоа „Торлак“ во рок од 10-15 дена ќе треба ќе треба да ги искористи за производство на вакцини. Оттука, тој посочува дека првите вакцини може да се очекуваат за 15-20 дена, а на почеток Србија ќе произведе околу 100 000 вакцини.
Поповиќ најавува дека од следната година самостојно ќе произведуваат вакцини односно нема да има потреба од набавување супстанци од Русија бидејќи српската Влада издвоила и 50 милиони евра за опрема.
Српските власти во март најавија и дека во октомври ќе почнат со производство на кинеската вакцина „Синофарм“, откако била договорена гринфилд инвестиција.