Руската вакцина против ковид „спутник В“ од вчера почна да се произведува во Институтот „Торлак“ во Белград, а произведените вакцини ќе може да се употребуваат од јуни годинава.
Како што најави српскиот претседател Александар Вучиќ, до крајот на годинава Србија самостојно ќе ја произведува оваа вакцина.
„Од 5 до 10 јуни ќе излезат првите дози на ‘спутник В’ произведени во Институтот за вирусологија и серуми ‘Торлак’ во Белград“,
рече Вучиќ денеска при посетата на Институтот.
Тој вели дека Србија веројатно до крајот на годинава ќе започне со производство и на кинеските вакцини на „Синофарм“.
„Се надевам дека ќе ги произведуваме и ‘Синофарм’ и ‘спуник В’. Вкупното производство на дози на почеток би била по 20 милиони, а подоцна и по 30 милиони дози годишно“,
рече Вучиќ.
Според него, целта на Србија е со вакцините против ковид да ги покрие потребите на регионот.