Институтот Торлак во Белград започна со производство на руската вакцина против ковид „Спутник Ви“, информираше рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ).
Според рускиот фонд, Србија со ова стана првата земја во јужна Европа што произведува „Спутник Ви“.
„Производството на ‘Спутник Ви’ во Србија ги исполнува најдобрите стандарди во производството на вакцини“,
се наведува на веб-страницата на РДИФ, во која се додава да вакцината подоцна би можело да се извезува во други земји во регионот.
Вакцинацијата против коронавирус со руската вакцина во Србија почна на 6 јануари 2021 година, потсетува рускиот фонд.
„Спутник Ви“ до денеска е регистрирана во 60 земји во светот со вкупно население од три милијарди луѓе, соопшти фондот.
„Ефикасноста на ‘Спутник Ви’ изнесува 91,6%, како што беше потврдено од податоците објавени во ‘Лансет’, еден од најстарите и најценетите медицински списанија во светот“,
наведува рускиот фонд.
Српскиот министер Ненад Поповиќ, на својот Твитер профил објави дека денес е извршено првото полнење на вакцината „Спутник Ви“ во Торлак.
„Во рамките на договорот постигнат меѓу Рускиот фонд за директни инвестиции и Институтот Торлак во Србија, производството на вакцината Спутник Ве успешно започна за краток временски период. Србија е првата европска земја што започна со производство на руска вакцина. Од почетокот на годината Спутник Ве активно се користи при вакцинирање на населението, а обемот на вакцинација може значително да се зголеми благодарение на почетокот на локалното производство“,
изјави директорот на рускиот фонд, Кирил Дмитријев.