Вучиќ смета дека договорот за регистарски таблички на Косово е „мала тактичка победа“ за Белград и дека пред два дена Приштина имала „подобар договор отколку што постигнала вчера
Задоволен сум што го зачувавме мирот за нашиот народ, рече српскиот претседател Александар Вучиќ околу постигнувањето договор со Косово за регистарските таблички во Брисел.
„Задоволен сум што го зачувавме мирот на нашиот народ, задоволен сум што тие прекрасни жени што вчера излегоа во толку голем број заслужуваат мир и што нивните деца можат нормално да одат во српските училишта, како и сите други деца, да го учат српскиот јазик и сите други јазици и да учиме според плановите и програмите на српската држава, задоволни што не ја загрозивме цела Србија и што годинава ќе биде рекордна по нивото на странски инвестиции“,
рече Вучиќ.
Претседателот Вучиќ, исто така, рече дека косовските Срби нема да се вратат во институциите додека не се формира Заедница на српски општини, што беше нивни втор услов, заедно со оној да нема казни за промена на регистарските таблички. Зборувајќи за предлогот на ЕУ за конечниот договор, тој рече дека Србија има свои „црвени линии“.
„Ние велиме дека не го сакаме Косово во ОН и што потоа – нè бомбардирате, ни се заканувате со санкции, што?“,
рече Вучиќ на прес-конференција во Белград по средбата со претседателот на Република Српска, Милорад Додик и членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ.
Вучиќ рече дека договорот за регистарски таблички на Косово е „мала тактичка победа“ за Белград и дека пред два дена Приштина имала „подобар договор отколку што постигнала вчера.
„Не знам зошто си го направија ова. Погрешна проценка, погрешна тактика, но тоа е нивна работа. За нас во ова коминике јасно е наведена неопходноста од исполнување и спроведување на претходните договори“,
рече Вучиќ.
Тој додаде дека оние што живеат на Косово и Метохија, а ги има околу 7 000, како и околу 2 000 во централна Србија, можат да продолжат да возат автомобили со КМ таблички без никакви проблеми и казни.
„Статусно, тоа е мала тактичка победа која ќе нè доведе до уште потешки притисоци на кои ќе бидеме изложени“,
изјави претседателот на Србија.
Тој додаде дека не е проблем веднаш да се прекинат преговорите, но „тогаш како мислите дека ќе ги решиме овие проблеми“.
Запрашан за тоа што ќе се случува на изборите на северот на Косово, кои се закажани за 18 декември, вели дека Србите од Косово рекле дека нивен услов е формирањето на ЗСО и потсети дека тоа било услов и за враќање во институциите, покрај тоа да нема казнувања за регистарските таблички.
„И да сакам – а нема – не можам да ги убедам Србите на Косово во такво нешто“,
рече Вучиќ.
Зборувајќи за ситуацијата на север, тој рече дека ситуацијата со Србите на Косово „врие“.
„На луѓето им е преку глава од теророт на властите во Приштина. Ова не е за политички аргументи, тоа е нешто што и мене ме загрижува“,
рече тој.
Според него, на Србите им е доста од уцени, малтретирање и нема да бидат национално малцинство.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел синоќа соопшти дека преговарачите на Србија и Косово договориле мерки за да се избегне натамошна ескалација.
„Србија ќе престане да издава регистарски таблички со имињата на косовските градови, а Косово ќе ги прекине понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на возилата“,
рече Борел.
Главниот преговарач на Белград во дијалогот со Приштина, Петар Петковиќ, објасни дека договорот во Брисел значи дека нема казнена политика кон Србите кои возат автомобили со таблички КМ и дека од денеска нема да има казни од 150 евра.