Српските медиуми пишуваат дека седницата на српската влада е свикана по последните тензии на северот на Косово и суспензијата на регионалниот командант на косовската полиција Ненад Ѓуриќ кој изјави дека полицајците од српската заедница нема да издаваат предупредувања за замена на српските со косовски регистарски таблички
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги откажа сите посети во странство и најави дека утре владата на Србија ќе одржи вонредна седница поради ситуацијата со Косово, јави РТС.
Српските медиуми пишуваат дека седницата на српската влада е свикана по последните тензии на северот на Косово и суспензијата на регионалниот командант на косовската полиција Ненад Ѓуриќ кој изјави дека полицајците од српската заедница нема да издаваат предупредувања за замена на српските со косовски регистарски таблички.
Поради суспензијата регионалниот полициски командант на северот на Косово, претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, за в сабота закажа итен состанок на сите претставници на косовските институции на северот на Косово, на кој ќе предложи сите Срби да ги напуштат косовските институции во тој дел од земјата.
Српскиот претседател Вучиќ се очекува денеска да се сретне со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Како што најавија од Претседателството на Србија, средбата треба да започне во 18:30 часот.
Српската премиерка Ана Брнабиќ вчера во Берлин по Самитот на Берлинскиот процес изјави дека одвоено разговарала со шефот на европската дипломатија Жосеп Борел и со Мирослав Лајчак за проблемот со пререгистрацијата на возилата со српски регистарски таблички на Косово.
Во Косово од 1 ноември официјално стапи во сила одлуката на владата на премиерот Албин Курти, според која, регистарските таблички на возилата на косовските граѓани регистрирани во Србија треба да се заменат со оние што се пропишани со законите на Република Косово. Одлуката предвидува санкции за сите оние што нема да ги заменат српските со косовски регистарски таблички.