Вучиќ оценува дека Србија, вовела или не вовела санкции, веќе е дел од Европската политичка заедница
Претседателот Александар Вучиќ изјави дека Србија веќе донела одлука за увоз на нафта доколку поради Хрватска не може да се снабди со руска нафта преку хрватскиот гасовод ЈАНАФ и дека утре ќе ја информира јавноста за тоа, како и одговорот на Србија.
„Хрватска себе се иззема од санкциите за увоз од Русија како дел од последниот пакет санкции и затоа не треба да зборува за принципи и морал. Гасоводот ЈАНАФ беше сигурен снабдувач, но веќе не е“,
рече Вучиќ додавајќи дека Србија плаќала од 45 до 48 милиони евра годишно за неговото користење и дека сега на Белград е да ги преземеме следните чекори за обезбедување на нафта.
Вучиќ, одговарајќи на новинарски прашање поврзано со санкциите, оцени дека Србија, вовела или не вовела санкции, веќе е дел од Европската политичка заедница.
„Имаше многу од нив кои зборуваа за санкции, но никој директно. Сите јавно бараат од нас да воведеме санкции кон Русија, јас тоа го разбирам и прифаќам како политички легално и легитимно барање. Воведовме или не воведовме санкции, ние сме дел од Европската политичка заедница“,
рече Вучиќ.
Во врска со утрешното обраќање на јавноста на српскиот претседател, се огласи премиерката Ана Брнабиќ објаснувајќи ја својата претходна изјава дека Србија „ќе мора да донесе стратегиски одлуки и стратегиски да преиспита некои работи“ поврзани со енергетиката, најавувајќи дека во текот на денот ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за да разговара и за тоа, и дека верува дека в сабота за тоа ќе зборува и Вучиќ.
„Веројатно, како што сега сите земји градат алтернативни рути, „гасоводи и тоа“, мора да се обидеме да создадеме алтернативни патишта за нафта, бидејќи имаме несигурен снабдувач и земја која сака да ги користи енергетските капацитети за политички цели“,
рече Брнабиќ и посочи дека тоа е нејзино гледање на ситуацијата и дека не може однапред да зборува за средбата со Вучиќ.