Санкциите воведени кон Москва вклучуваат ограничување на цените на руската нафта што ја извезуваат трети земји. По донесувањето на оваа одлука, Србија нема да може да увезува нафта од Русија преку ЈАНАФ, што значи дека санкциите воведени кон Москва се префрлени и на Србија
Членките на Европската Унија договорија нов пакет санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина.
„Членките постигнаа политички договор за нови санкции против Русија – ова е силен одговор на ЕУ за илегалната анексија на украинската територија од Путин“,
напиша на Твитер претседателството на земјата која моментално претседава со Европската Унија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно предложи во Европскиот парламент ограничување на цената на гасот за производство на електрична енергија и се заложи за заеднички систем за набавка на енергија во ЕУ. Фон дер Лајен предупреди и дека е неопходно да се заштити европската енергетска инфраструктура.
„Саботажата на гасоводот ‘Северен тек’ покажа колку е ранлива нашата енергетска инфраструктура. Мораме да бидеме поподготвени, да користиме сателити за следење и откривање потенцијални закани“,
рече Фон дер Лајен.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел за време на дебатата најави дека Советот денеска треба да постигне договор за нови санкции против Русија.
„Енергетската зависност влијаеше на европската надворешна политика кон Русија, но тоа сега се менува. Во август минатата година увезовме 12 милијарди кубни метри гас, годинава само четири што е три пати помалку“,
рече Борел.
Шефот на европската дипломатија додаде дека е неопходно да се продолжи адекватно да се поддржува Украина, да се изолира Русија и да се помагаат европските земји кои ги чувствуваат последиците од таа војна.
„За да се постигне мир, Украина мора да го врати територијалниот интегритет и суверенитет, а Русија мора да преземе одговорност, да одговара за воените злосторства. Затоа испраќаме воена помош, воведуваме санкции и правиме дипломатски напори“,
нагласи Борел.
Србија нема да може да увезува нафта од Русија
Со пакетот санкции ќе биде забрането да се превезува руска нафта од декември 2022 година и да се дава техничка или финансиска помош во оваа цел. Ценовниот плафон што се воведува ќе овозможи превоз само доколку купената нафта е под одредена цена. Датумот на стапување на сила и износот на плафонот сѐ уште не се усогласени на ниво на ЕУ. Европската унија се надева дека со ова ограничување на цената ќе се намалат приходите на Кремљ.
Санкциите воведени кон Москва вклучуваат ограничување на цените на руската нафта што ја извезуваат трети земји. По донесувањето на оваа одлука Србија нема да може да увезува нафта од Русија преку ЈАНАФ, што значи дека санкциите воведени кон Москва се префрлени и на Србија.
Првобитниот предлог на Европската комисија предвидуваше исклучок кога станува збор за испораките од Јадранскиот гасовод, но на инсистирање на некои земји членки на ЕУ тој предлог е одбиен бидејќи ставот е дека нема оправдување Србија да биде изземена.
„Србија не воведува санкции кон Русија, затоа не треба да има отстапување. Другите земји-членки се согласија со оваа позиција“,
изјави еден дипломатски извор кој беше вклучен во разговорите за новиот пакет санкции, пренесува Радио Слободна Европа.
Ваквата одлука го шокирала српскиот претседател Александар Вучиќ, кој смета дека Хрватска си ја работи својата работа со децении, и дека на Србија е да најде одговори на тоа во иднина.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, зборувајќи за воведувањето санкции против Србија, рече дека оваа одлука променила сè.
„Реков дека претседателот ќе биде под огромен притисок. Денеска по оваа срамна одлука на Европската унија, Вучиќ ќе даде жесток одговор на санкциите на кои инсистираше Хрватска, да исклучат некои членки на Унијата од пакетот санкции. Стотици милиони евра излегуваат од џебовите на нашата земја“,
изјави Ана Брнабиќ на телевизијата „Хепи“.