Србија може да ја има сета нафта што ѝ треба – освен руската. Да беше економијата на колена, граѓаните да немаа бензин, тоа ќе беше друга работа. Но, Србија да има поевтина нафта, а ние… Што сме ние, будали?, вели Пленковиќ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја коментираше забраната за увоз на руска нафта во Србија и последните обвинувања од Србија.
„Видов невидени и бурни реакции од Србија. Очигледно сум главен усташ таму. Србија не може да седи на две столчиња“,
рече Пленковиќ.
Тој додаде дека Србија може да добие нафта од каде сака, само не од Русија.
„Србија може да ја има сета нафта што и треба – освен руската. Да беше економијата на колена, граѓаните да немаа бензин, тоа ќе беше друга работа. Но, Србија да има поевтина нафта, а ние… Што сме ние, будали?“,
изјави Пленковиќ.
Реакцијата на Пленковиќ доаѓа откако српскиот претседател Александар Вучиќ остана изненаден од новиот пакет санкции што ЕУ ги воведе кон Русија, а кои санкции воведени кон Москва вклучуваат ограничување на цените на руската нафта што ја извезуваат трети земји. По донесувањето на оваа одлука Србија нема да може да увезува нафта од Русија преку ЈАНАФ, што значи дека санкциите воведени кон Москва се префрлени и на Србија.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, зборувајќи за воведувањето санкции против Србија, рече дека оваа одлука променила сè.
„Реков дека претседателот ќе биде под огромен притисок. Денеска по оваа срамна одлука на Европската унија, Вучиќ ќе даде жесток одговор на санкциите на кои инсистираше Хрватска, да исклучат некои членки на Унијата од пакетот санкции. Стотици милиони евра излегуваат од џебовите на нашата земја“,
изјави Ана Брнабиќ на телевизијата „Хепи“.