Вучиќ очекува интерконекторот со Бугарија кој се гради во неговата земја да биде завршен за една година. Според него, интерконекторите со Бугарија и со Северна Македонија ќе значат многу за Србија
Гасниот интерконектор меѓу Бугарија и Грција (ИГБ) е важен и за Србија, истакна српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето на церемонијата. Тој побара од претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен да ги вклучи и земјите од Западен Балкан во плановите на ЕУ за цените на енергенсите.
Вучиќ очекува интерконекторот со Бугарија кој се гради во неговата земја да биде завршен за една година. Според него, интерконекторите со Бугарија и со Северна Македонија ќе значат многу за Србија. Рече и дека без поддршка од Европската Унија никогаш немало да се постигнат овие цели.
„Верувам дека ќе имаме тешка зима и есен, уште потешка отколку што рече овде претседателката Фон дер Лајен. Имав дилема пред да дојдам овде како ќе се однесува со мене, но беше многу пристојна и љубезна. Се чувствувам малку како „црна овца“ овде во друштво на пријатели и морам да и се заблагодарам, иако не сакам да и ласкам. Таа многу ни помогна кога станува збор за изградбата на интерконектор меѓу Србија и Бугарија и во планирањето на изградбата на интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија. Тоа ќе значи многу за инфраструктурата на Балканот, која потоа можеме да ја разгрануваме. Но, без инфраструктурата и поддршката од ЕУ никогаш немаше да ги достигнеме овие цели“,
рече српскиот претседател.
Вучиќ побара земјите од Западен Балкан да бидат ставени на заедничката листа на земјите од ЕУ кога станува збор за цените на енергенсите.
„Драга Урсула, не слушајте го 100 отсто мојот пријател Киријакос Мицотакис и немојте да ги повторите 100 отсто мерките од ерата на борбата против Ковид – благодарни сме за вашата поддршка, но кога зборуваме за пари, ние не можеме да ги апсорбираме овие цени на енергенси и ве молам ставете ги земјите од Западен Балкан на тој список заедно со други од ЕУ. Знам дека мојот пријател Мицотакис ќе се согласи нашите земји од Западен Балкан да ги ставите на ист список со земјите од ЕУ кога се во прашање цените и ќе ви бидеме бескрајно благодарни“,
изјави Вучиќ во Софија, изразувајќи благодарност и до Азербејџан без кој не би можело да се смета на диферзификација на гасот.
Гасниот интерконектор ИГБ ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора. Имплементацијата на проектот има за цел да обезбеди диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.
Овој интерконектор за земјава има и дополнително значење, бидејќи ќе ни овозможи пристап и до складиштето за природен гас во Чилен во Бугарија, преку кој може да набавуваме ЛНГ (Liquified Natural Gas) од терминалот во грчкиот град Александрополис, а во текот на летото кога е поевтин и да го складираме во Бугарија, со можност да го користиме на зима кога е најпотребен. Диверсификацијата на изворите со природен гас, треба да обезбеди сигурност во снабдувањето со природен гас за земјава на среден и долг рок, како и одлична можност за зголемување на перформансите на домашната економија, која може да биде конкурентна со земјите од регионот.
На церемонијата претстојува и македонскиот претседател Стево Пендаровски кој ќе се сретне со неговиот бугарски колега, Румен Радев, а ќе има и трилатерлна средба меѓу Пендаровски, Радев и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Претходно, Пендаровски се сретна со Фон дер Лајен каде што кажал дека очекува поддршка од ЕК во справување со енергетската криза.