Според него, целта на протестот е уништување на српското стопанство и нагласи дека запирањето на економијата не е решение. Вучиќ посочи дека решение може да се постигне преку разговор, додавајќи дека на разговор повикал и претставници на опозицијата, но тие не дошле. Притоа, порача дека ќе оди да разговара со народот
Протестот на „Теразије“ помина во демократска атмосфера, но не и блокадите на двете главни железнички станици, оцени во денешното обраќање до јавноста, српскиот претседател Александар Вучиќ, говорејќи за протестите и блокадите во Белград против ископувањето на литиум во Србија, кои синоќа се одржаа во српската престолнина.
„Самиот собир помина во демократска атмосфера, што е многу важно за нашата земја, сè беше како што треба. Меѓутоа, како што заврши собирот, се случија работи што ги очекувавме затоа што секој ден кога се заканувате, имате ситуација кога преовладува насилство, а тоа е извршување на тешки кривични дела. Заземањето на меѓународната железничка станица ‘Прокоп’, станицата во Нов Белград, запирањето на автопатот и работата на самиот мост ‘Газела’ не беа придонес за демократијата, туку исмејување на демократијата како политички режим и спроведување насилство и терор на малцинството врз мнозинството“,
изјави Вучиќ.
Според него, целта на протестот е уништување на српското стопанство и нагласи дека запирањето на економијата не е решение. Вучиќ посочи дека решение може да се постигне преку разговор, додавајќи дека на разговор повикал и претставници на опозицијата, но тие не дошле. Притоа, порача дека ќе оди да разговара со народот.
„Ќе одам да разговарам со народот. Ќе одам во Лозница и Крупањ, ќе одам на секое место. И нема да правам големи митинзи за да ви покажам колку луѓе можам да соберам. Ќе одам да разговарам со оние што мислат поинаку, со обичните луѓе, да зборувам за нивниот страв. Дали луѓето во Србија мислат дека сум глупав и луд дека ќе направам нешто против мојата земја и мојот народ?“,
праша Вучиќ.
Тој додаде дека полициската интервенција била извршена без употреба на сила.
Дачиќ: Приведени се 14 лица
Министерот Ивица Дачиќ, кој заедно со Вучиќ ѝ се обрати на јавноста, рече дека МВР создало услови за функционирање на железничкиот сообраќај без употреба на сила и дека нема повредени.
Тој кажа и дека се приведени 14 лица, како и двајца странски државјани, против кои ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави.
„Приведени се вкупно 14 лица поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела, три поради сомнение за сторени прекршоци и две лица кои се странски државјани поради присуство на протестот во близина на најважните државни институции“,
изјави Дачиќ.
Како што подвлече тој, полицијата работи на идентификација на други лица.
Десетици илјади луѓе се собраа синоќа во центарот на Белград против ископувањето на литиум на покана на еколошки здруженија и движења, барајќи од владата да го донесе Законот за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.
Дел од демонстрантите потоа блокираа две белградски железнички станици каде што имаа намера да останат до донесување на Законот за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.