Според опозициската пратеничка од ССП, Мариника Тепиќ, во раните утрински часови, околу 5:30 полицијата ги опколила граѓаните што ја блокираа главната железничка станица „Прокоп“ и ги „исфрлила“, притоа апсејќи најмалку тројца активисти кои не сакале да ја напуштат станицата
Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ утринава изјави дека Министерството за внатрешни работи овозможило непречен развој на железничкиот сообраќај. По синоќешните протести и блокади во Белград против ископот на литиум, за денеска обраќање пред јавноста најави претседателот Александар Вучиќ.
„Со интервенција на полицијата во 5:30 часот, со строго почитување на полициските овластувања, овозможено е непречено одвивање на железничкиот сообраќај, со што се создадоа услови за нормално функционирање на општествениот живот во интерес на сите граѓани. Полицијата ќе поднесе кривични пријави против сите сторители на кривични дела за прекин на меѓународниот јавен сообраќај и загрозување на безбедноста на граѓаните“,
се наведува во писмената изјава на Дачиќ.
Демонстрантите на масовниот протест синоќа ја блокираа железничката клучка во Прокоп во Белград и железничката станица во Нов Белград, а привремено беше блокиран и автопатот низ главниот град што води кон Ниш и Загреб.
Според опозициската пратеничка од ССП, Мариника Тепиќ, во раните утрински часови, околу 5:30 полицијата ги опколила граѓаните што ја блокираа главната железничка станица „Прокоп“ и ги „исфрлила“, притоа апсејќи најмалку тројца активисти кои не сакале да ја напуштат станицата.
Došlo je 300 specijalaca da rastera nas 50 sa blokade na železničkoj stanici Novi Beograd. pic.twitter.com/09c54cAir1
— Biljana Stojkovic (dabrica) (@pajaoliver) August 11, 2024
Организаторите претходно најавија дека нивно барање е да се донесе закон за трајна забрана за ископ на литиум и бор во Србија, а еден од нив, претседателот на здружението „Не го даваме Јадар“, Златко Кокановиќ, во саботата навечер изјави дека блокадите ќе траат додека не се исполни тоа барање.
Неколку полициски возила во моментов се распоредени околу Собранието во Белград, како и припадници на полицијата во опрема за разбивање демонстрации, јавува агенцијата Бета.
Импровизираните шатори што ги постави здружението „Достојни за Србија“ во пресрет на протестот беа отстранети од просторот околу фонтаната „Теразије“, од каде што зборуваа говорниците на вчерашниот протест.
Насобраните во паркот пред Претседателството на Србија носат српски знамиња и транспаренти со натписи „Јадар не го даваме“, „Знаеме да не даваме“.
Еден од учесниците на протестот за новинарот на агенцијата Бета изјави дека сè уште не одлучиле какви акции ќе организираат во текот на денот.
Обвинителството до МУП: Идентификувајте ги сите што на мостот „Газела“ сториле кривично дело
Вишото јавно обвинителство во Белград им наложи на припадниците на МВР да ги идентификуваат сите лица кои се осомничени дека сториле кривично дело – насилничко однесување на спортски настан или јавен собир синоќа на мостот „Газела“ и да поднесат кривична пријава против нив. На еден учесник му е одреден притвор до 48 часа.
За потсетување, десетици илјади луѓе се собраа синоќа во центарот на Белград против ископувањето на литиум на покана на еколошки здруженија и движења, барајќи од владата да го донесе Законот за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.
Дел од демонстрантите потоа блокираа две белградски железнички станици каде што имаа намера да останат до донесување на Законот за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.
Мал дел го блокирале автопатот во Белград, а дошло до инцидент кога еден од возачите со својот автомобил удрил во демонстрантите. Според непотврдени информации, три лица се повредени.
Во Претседателството на Србија синоќа беше одржан состанок, по што беше најавено дека во 11 часот на граѓаните ќе им се обрати претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со протестот и преземањето понатамошни чекори.