Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска е во Брисел каде ќе има средби со претставници на Европската Унија.
Вучиќ изјави дека имал добра средба со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак и заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер и истакна дека верува оти сите разговори во Брисел ќе дадат резултати.
„Разговаравме за сите важни теми. Официјалниот дијалог ќе продолжи утре, денеска имаме важни состаноци на нашите тимови и верувам дека ќе има резултати“,
изјави Вучиќ.
Тој вели дека на маса се три клучни теми за разговор: исчезнатите лица, внатрешно раселените лица и економијата.
Тој објасна и како ЕУ гледа на договорот потпишан во Вашингтон.
„Европската унија несомнено сака клучна улога за себе. Тие анализираат што е постигнато во Вашингтон и верувам дека ќе искористат дел од тоа“,
рече Вучиќ.
Околу продолжението на дијалогот меѓу Белград и Приштина, спрскиот претседател рече дека очекува да се отвори прашањето за Заедницата на српски општини и да се види дали Косово е подготвено да ги исполни договорените обврски.